Навалија во менувачниците – Хрватите купуваат девизи како зејтин

160

Војната во Украина се одрази и на работењето на менувачниците. Од почетокот на руската инвазија Хрватите масовно купуваат евра. Гужвите, велат работниците од менувачниците, траат со денови.

„Има многу работа, а валутата се купува како што се купува зејтин во продавниците“, вели вработена во менувачници за РТЛ. Прометот во менувачниците во последните денови скокна и до 50 отсто. Но, не се купуваат само евра.

„Пред некој ден имавме муштерии кои купија динари, чешки круни и полски злоти, што е добро, но има огромна побарувачка за евра. Мислиме дека луѓето си ги вадат резервите“, вели сопственичка на менувачница во Загреб.

„Најчесто бараат од 4 до 10 илјади евра, но имаме клиенти кои доаѓаат и купуваат и ковани пари. Купуваат и по 3 или 5 евра, што не беше случај порано кога никој не сакаше да купи монети, тврдат од хрватските менувачници за медиумите.

„Луѓето веројатно се плашат од инфлација и потоа сè што имаат инвестираат во злато, инвестиции и сè друго“, вели Габор Сореги, Претседател на Здружението на хрватски менувачи.

Експертите велат дека нема причина за паника

„Ликвидноста и капитализацијата на вкупниот финансиски систем на Хрватска е повеќе од задоволителна, и била и ќе биде, и како индиректни членки на еврозоната, мислам дека навистина нема потреба од такви активности“, вели Хрвоје Јапунчиќ, финансиски аналитичар.