Што значи за некого да се биде (не)среќен? Секој од нас има своја замисла за тоа што го прави да биде среќен, а што не. Можеби најважната работа од сè е среќата да се бара во малите нешта, бидејќи во спротивно или ретко или никогаш нема да бидете среќни.
Несреќата не е секогаш поврзана со некои несакани случки и загуби. Понекогаш луѓето се несреќни бидејќи не ги исполнува работата, ги гуши средината во којашто работат, не напредуваат или не знаат како да се справат со проблемите. Овие навики се заедничка точка на несреќните луѓе, затоа колку можете избегнувајте ги.
Споредување со успехот на другите
Секој човек си е приказна сама за себе. На патот кон успехот сите грабиме со различна динамика, правиме различни чекори – некогаш поголеми, некогаш помали. Она што е важно е дека никогаш не може да го мериме сопствениот, со успехот на другите. Начините, можностите, потенцијалот, ресурсите… сите тие се различни и затоа не може успехот да биде мерлив. Имајте доблест да се израдувате на успехот на колегите, да ги следите нивните чекори, но никогаш тоа да не биде слепо.
Да си живее во минатото или во иднината
Моментот е тука и сега, а штом помине тој веќе станува минато. Ако времето го трошите залудно размислувајќи за работите што поминале или во страв за тоа што ќе биде, тогаш може и пред очи да ви избега шансата што би можела да го промени вашиот живот. Фокусот ставете го сегашноста, на работите што ги правите во овој момент, на одлуките што ги донесувате денеска… Минатото нека биде искуство, појдовна точка, но не и пречка за следниот чекор. Иднината е важна, планирајте ја, но секогаш имајте на ум дека е нормално да има отстапки во планираното што не треба и не смее да ве демотивира.
Мрачни и негативни мисли
Иако на сите во животот ни се случува да не обземат црни мисли, особено како што е оваа ситуација со пандемијата, сепак не смееме да дозволиме тие да управуваат со нас. Направете некаква промена, дури и минимална што би можела да ве разведри и да ви ги оттргне мислите. Дишете длабоко, слушајте музика, размислувајте за убави работи… ако и ова не помогне не срамете се да побарате и стручна помош бидејќи ако работата излезе од контрола, тоа може да му наштети на вашето здравје.
Комплицирање без потреба
Како што сами можеме да си ги искомплицираме работите во животот, никој друг и не може. Затоа, не дозволувајте да си бидете непријател сами на себе. Гледајте ги работите од објективната страна бидејќи само така ќе ја сфатите големата слика, без да гледате или премногу оптимистично или премногу песимистично. Имајте на ум дека некои работи не зависат само од вас, па поради тоа не си создавајте дополнителен стрес онаму каде што нема потреба.
Фото: Pixabay