НБ: Основната каматна стапка е непроменета – просечна инфлација од 10,9% во периодот јануари – јули

79

На 9 август  2022 година се одржа редовната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка. На седницата беа разгледани најновите податоци и информации за домашната и за глобалната економија и најновите случувања на меѓународните и на домашните финансиски пазари.

На седницата на Комитетот беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да остане непроменета на ниво од 2,5%, а понудата на благајнички записи на редовната аукција не се промени и изнесува 10 милијарди денари. При носењето на ваквата одлука беа земени предвид неколку клучни фактори, пред сѐ досега преземените чекори за нормализирање на монетарната политика, како и последните движења кај инфлацијата и на девизниот пазар. На девизниот пазар се забележува значајно стабилизирање во последниот период, а Народната банка интервенира со откуп на девизи. Притоа, притисоците од енергетската криза се намалени значително, додека приливот на девизи на менувачкиот пазар во овој период е значително повисок од очекувањата. Воедно, на девизниот пазар видливи се и одредени позитивни поместувања во однос на побарувачката на девизи од страна на домашните физички лица, што укажува на постепено стабилизирање на очекувањата и довербата на домашните субјекти.

Во изминатиот период Народната банка делуваше кон постепено нормализирање на монетарната политика, со цел одржување на среднорочната ценовна стабилност, преку соодветно управување со ликвидноста, како и зголемување на основната каматна стапка во четири наврати последователно. Ваквата монетарна поставеност беше поддржана и со дополнителни мерки, односно промени кај инструментот задолжителна резерва заради понасочено делување врз процесот на евроизација (во два наврата), како и системски мерки преку донесување одлука за воведување противцикличен заштитен слој на капиталот од 0,5%, со која дополнително се јакнат заштитните механизми во банкарскиот систем. Се очекува зголемувањето на основната каматна стапка, заедно со досегашните промени во стапките на издвојување на задолжителната резерва во домашна и странска валута, и понатаму да делуваат на каматната политика на банките за стимулирање на штедењето во домашна валута.

Најновите податоци за инфлацијата покажуваат просечна инфлација од 10,9% во периодот јануари – јули 2022 година, при што три четвртини од овој раст и натаму се објаснува со растечките цени на храната и енергијата. Оттука, динамиката на инфлацијата и натаму главно е одраз на фактори на страната на понудата, односно на порастот на увозните цени на храната и енергијата, вклучително и на домашната цена на електрична енергија, која е под влијание на случувањата во глобалниот пазар на енергија. Сепак, со оглед на долготрајноста на овие трендови, ваквите притисоците брзо се прелеваат врз цените и на останатите производи и услуги и дополнително ги подгреваат инфлациските очекувања, што упатува на потребата од водење претпазливи домашни политики. Сепак, месечната промена на потрошувачките цени покажува одредено забавување, а голем дел од месечниот раст се должи и на донесената одлука за промени во регулираната цена на електричната енергија. Воедно, годишната динамика на базичната инфлација остана стабилна. Исто така, најновите податоци и очекувања на светските пазари навестуваат постепено стивнување на ценовните притисоци, односно очекувањата за цените на храната се ревидирани надолу, додека кај цените на нафтата се очекува стабилизирање на крајот на 2022 година, а потоа и нивно намалување. Сепак, ризиците на страната на понудата, особено во поглед на идните движења на цените на енергијата и храната и натаму се значително изразени поради воените случувања во Украина, со што останува голема и неизвесноста поврзана со пренесените ефекти врз домашната инфлација.

Девизните резерви се одржуваат во сигурната зона, а нивното ниво ги задоволува барањата за адекватност согласно со меѓународните стандарди. За ова придонесува високото ниво на девизните резерви во претпандемичниот период и натамошниот раст во двете години од пандемијата. Движењата на девизниот пазар засега се поволни, односно притисоците од енергетската криза во моментов се значително намалени, додека приливот на девизи на менувачкиот пазар во овој период е значително повисок од очекувањата. Во вакви околности, Народната банка во текот на јули и август интервенира со откуп на девизи, што дополнително го зголемува нивото на девизни резерви. 

Податоците за активноста во домашната економија во првиот квартал од 2,4%, како и оцените за понатамошен раст согласно со високофреквентните податоци за периодот април – јуни 2022 година засега се во согласност со последните очекувања. Ризиците за понатамошниот период остануваат надолни, во услови кога воениот конфликт во Украина, продолжената пандемија и глобалните геополитички тензии делуваат на голема променливост и непредвидливост на надворешните економски и финансиски услови. Така, во овој период се забележува натамошен, но малку поумерен годишен раст кај индустријата, прометот во вкупната трговија и угостителството, додека активноста во градежништвото во периодот април – мај бележи забавување на падот.

Од аспект на движењата во монетарниот сектор, последните податоци покажуваат понатамошен раст и на кредитите и на депозитната база, при што кредитната активност е над проекциите, додека динамиката на вкупната депозитна е нешто послаба споредено со очекувањата.

Во однос на глобалните движења, во јули, на меѓународните финансиски пазари преовладуваше загриженоста на инвеститорите околу глобалниот економски раст, односно ризикот од рецесија на водечките економии. Во такви околности, цените на државните обврзници во САД и во еврозоната забележаа пораст, односно нивните приноси се намалија, а вредноста на САДдоларот во однос на еврото продолжи да се зголемува. Притоа, САД-доларот привремено се сведе под нивото на паритет во однос на еврото, главно како одраз на побарувачката на безбедни инструменти и очекувањата за значително затегнување на монетарната политика на ФЕД. Во текот на месецот беше забележан раст на цените повеќето енергенти, додека цените на храната се намалија.

Општо земено, ризиците за целокупниот макроекономски контекст и натаму се изразени. Главниот ризик и понатаму претставува неизвесноста предизвикана од глобалните геополитички тензии и нивното влијание врз цените и економската активност во глобални рамки. Не треба да се занемарат и ризиците од пандемијата на КОВИД-19, којашто сѐ уште не е завршена. Во вакви услови уште повеќе доаѓа до израз потребата за водење претпазливи домашни политики. Народната банка внимателно ги следи макроекономските податоци и ризиците поврзани со нив и ќе продолжи со делување користејќи ги сите расположливи инструменти, со цел да се одржи стабилноста на девизниот курс и среднорочната ценовна стабилност.