НБ: Во јануари годишен раст од 4,5% на вкупните депозити и од 8,5% на вкупната кредитна поддршка

60

Анализирано на годишна основа, вкупните депозити бележат раст од 4,5%, кој во поголем дел се должи на повисоките депозити на секторот домаќинства.

На годишна основа, вкупните кредити се зголемени за 8,5%, како резултат на повисоките кредити на двата сектора, со поголем придонес на корпоративниот сектор.

Во јануари 2023 година, во согласност со сезонската динамика, паричната маса (монетарниот агрегат М3 ) забележа пад од 1,7% на месечна основа, којшто се должи на надолните движења кај сите компоненти, со поголем придонес на депозитните пари, готовите пари во оптек и краткорочните депозити. На годишна основа, паричната маса е зголемена за 4,5%, во најголем дел како резултат на растот на краткорочните депозити и депозитните пари.

‒ Вкупните депозити , во јануари, се намалени за 1,2% на месечно ниво, во целост како резултат на падот на депозитите на корпоративниот сектор. Анализирано на годишна основа, вкупните депозити бележат раст од 4,5%, којшто во поголем дел се должи на повисоките депозити на секторот „домаќинства“.

Во јануари, вкупните кредити бележат месечен пад од 0,8%, којшто во целост се должи на намаленото кредитирање на корпоративниот сектор. На годишна основа, вкупните кредити се зголемени за 8,5%, како резултат на повисоките кредити на двата сектора, со поголем придонес на корпоративниот сектор.

Во јануари 2023 година, вкупните депозити на корпоративниот сектор се намалени за 4,1% на месечна основа. Надолната промена пред сè е резултат на падот на депозитните пари и краткорочните депозити во странска валута. Споредено на годишна основа, депозитите на корпоративниот сектор се зголемени за 2,6%, во поголем дел како резултат на растот на краткорочните депозити во странска валута и во денари, при дополнителен придонес и на депозитните пари, а во услови на пад на долгорочните депозити во странска валута и во денари.

‒ Кредитите на корпоративниот сектор , овој месец, бележат месечен пад од 1,6%, којшто се должи на пониските одобрени кредити во денари и во странска валута, со поголем придонес на денарските кредити. Во споредба со јануари претходната година, кредитите на корпоративниот сектор се зголемени за 9,7%, како резултат на повисокото кредитирање во денари и во странска валута, поизразено кај кредитите одобрени во странска валута.

Депозитите на домаќинствата, во јануари, се непроменети на месечна основа. Анализирано на годишна основа, овие депозити се зголемени за 5,9%, како резултат на растот на краткорочните депозити во странска валута, депозитните пари и долгорочните депозити во странска валута, при забележан пад на краткорочните и долгорочните депозити во денари.

‒ Во јануари, кај кредитите на домаќинствата е забележан минимален месечен раст од 0,1%, којшто во целост се должи на растот на кредитите одобрени во странска валута во услови на пад на денарските кредити. Во споредба со истиот месец претходната година, кредитите на домаќинствата се зголемени за 7,4%, поради растот на кредитите одобрени во денари и во странска валута, којшто е поизразен кај кредитите во странска валута.

Во јануари 2023 година, анализирано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, кај потрошувачките кредити, како најзастапена категорија, е забележан месечен пад од 0,5%, при годишен раст од 6,5%.

Одобрените станбени кредити, овој месец, бележат раст од 0,4% и 12,6%, на месечна и годишна основа, соодветно. Во јануари, кај автомобилските кредити и кредитите одобрени на кредитни картички е остварен месечен пад од 0,8% и 0,9%, соодветно, додека на годишна основа е забележан раст од 10,7% и 1,0%, соодветно. Овој месец, негативните салда на тековните сметки се зголемени за 8,7% на месечна основа и 0,9% на годишна основа, соодветно, додека кредитите одобрени врз други основи бележат месечен и годишен пад за 1,1% и 15,1%, соодветно.