НБРМ домаќин на семинар организиран од Европскиот банкарски орган и ЕБОР

11

На 18. и 19-ти октомври 2018 година Народната банка на Република Македонија е домаќин на семинар организиран од страна на Европскиот банкарски орган и  Европската банка за обнова и развој на тема: “Справување со нефункционалните кредити во ЕУ: регулаторни и супервизорски активности.“

Имајќи го предвид негативното влијание коешто го имаат нефункционалните кредити врз работењето на банките во меѓународни рамки, на семинарот ќе бидат презентирани најзначајните активности преземени во рамките на ЕУ за решавање на нефункционалните кредити, како од аспект на промените (предлозите за промени) во постојната банкарска регулатива, така и во поглед на супервизрските активности за справување со се уште високиот износ на нефункционални кредити кај кредитните институции во ЕУ.

Покрај ова, на семинарот ќе бидат презентирани и искуствата на неколку земји од регионот во решавањето на нефункционалните кредити. Преку размената на искуствата и согледувањата стекнати во процесот на решавање на нефункционалните кредити, ќе се овозможи натамошно зајакнување на овој процес во одделните земји, но и усогласен пристап во идните активности коишто треба да се преземат заради натамошно справување со проблемите предизвикани од поголемото присуство на нефункционални кредити.

На семинарот ќе присуствуваат претставници на регулаторните и супервизорските органи од Албанија, Словенија, Косово, Босна и Херцеговина, Србија, Република Српска и Македонија.

На почетокот на семинарот, воведно обраќање имаше и гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска – Бежоска, која посочи на тоа дека и по десет години од почетокот на глобалната криза, проблемот на нефункционалните кредити се уште има големо значење во глобални рамки. Таа потенцираше дека правилното справување со овој проблем и развивањето на механизми за превенција се исклучително важни за непречено функционирање и раст на активноста на банките.

Меѓу другото, таа се осврна и на македонското искуство, потенцирајќи го релативно пониското ниво на нефункционални пласмани во однос на регионот. Причините за тоа се отсуството на прекумерен кредитен раст во пред-кризниот период, малото потпирање на банките на надворешно финансирање и многу важно, прудентната регулаторна рамка.

И покрај фактот што овој проблем во Македонија не е изразен како во други земји, гувернерката ја нагласи свесноста за потребата од располагање на механизми за превенција. Токму од оваа причина во тек е и заокружувањето на “Стратегијата за поттикнување на справувањето и подобрување на управувањето со нефункционалните кредити”, како меѓуинституционална и систематизирана рамка за решавање и спречување на проблемот на нефунционални пласмани.