НБРМ ја задржа каматата на 3,5%

17

E0BEDF9D63D33C459DCEB371550A8907Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка на Република Македонија одлучи максималната каматна стапка на благајничките записи да се задржи на нивото од 3,5%. Оваа одлуката е донесена откако биле разгледани најновите пазарни, макроекономски и финансиски показатели.

Исто така одлучено е на аукцијата да се понудат благајнички записи на ниво на достасаниот износ од 24.020 милиони денари. Според НБРМ ликвидноста во банкарскиот систем во земјата се одржува на релативно високо и стабилно ниво, при што банките активно ги користат монетарните инструменти. Во однос на домашниот пазар на пари се забележува тргување со депозити на подолги рокови (до 3 месеци) и тргување со хартии од вредност, што укажува на релативно висока доверба помеѓу пазарните учесници. Трендот на релативно поволни движења кај инфлацијата и девизните резерви продолжува.

Показателите за активноста за првото тримесечје се позитивни и даваат сигнали за поповолни движења во однос на претходниот квартал во согласност со проекцијата. Сепак, се очекува дека ова закрепнување нема да биде доволно силно за да го затвори негативниот производствен јаз и да создаде поголеми нерамнотежи во економијата.

Бавното закрепнување на реалниот сектор се пренесува и врз кредитниот пазар на банките. И покрај солидниот и стабилен раст на депозитниот потенцијал, кредитната активност и понатаму е умерена.

Искористеноста на депозитната база за кредитирање се намалува, при изразени склоности за вложување во нискоризични ликвидни инструменти, што доведува до натамошен раст на ликвидноста на банките. Овие движења ја покажуваат воздржаноста на банките за преземање поголеми ризици во услови на неизвесен амбиент.

Од НБРМ велат дека наспроти поволните движења гледано од монетарен аспект, одредени ризици за монетарната политика и понатаму постојат.
Гледано преку вкупната инфлација, базичната инфлација и понатаму е висока и упатува на можни поголеми пренесени ефекти од растот на цените на храната и енергијата врз останатите цени во економијата.

Во денешното соопштение на НБРМ се вели и дека во последниот период дојде до повторно зголемување на неизвесноста за состојбите во евро-зоната, што значи можно влошување на надворешното окружување и потенцирање на ризиците за надворешната позиција на економијата.