НБРМ ја задржа каматната стапка на 3,5%

29

nbrm500Народната банка на Република Македонија (НБРМ) одлучи максималната каматна стапка на благајничките записи да се задржи на нивото од 3,5%, земајќи ги предвид најновите макроекономски и финансиски показатели.

“Монетарната политика преку одржување ниски каматни стапки, придружено со преземените мерки кај задолжителната резерва, создава простор за поактивно кредитирање на приватниот сектор”, се вели во соопштението.

НБРМ потенцира дека во наредниот период внимателно ќе ги следи движењата на кредитниот пазар и доколку оцени дека има потреба, ќе направи соодветни промени со цел да поттикне позначителна кредитна поддршка на правните субјекти.

Заклучно со март, во банкарскиот сектор продолжува трендот на одржување висока ликвидност. Кај кредитната активност, годишните промени упатуваат на забавување на кредитирањето на претпријатијата, додека кредитите на населението имаат умерено побрзо зголемување.

Според Комитетот за оперативна монетарна политика депозитната основа се одржува на стабилно ниво, при што сѐ уште е присутен трендот на побрз раст на денарското штедење во однос на штедењето во девизи.