НБРМ на 15-ти декември ги пушта во оптек книжните пари од 200 и 2.000 денари

75

200-denari

Советот на Народната банка на Република Македонија (НБРМ) ја усвои одлуката за пуштање во оптек на книжни пари во апоени од 200 и 2.000 денари, како и одлуката за повлекување од оптек на книжните пари во апоен од 5.000 денари, соопшти НБРМ.

“Со цел новите апоени соодветно да се вклучат во системот на готовинското работење и заради непречено одвивање на готовинските трансакции, нивното пуштање во оптек е предвидено за 15 декември 2016 година. Во меѓувреме, временскиот период од пристигнувањето на книжните пари до нивното пуштање во оптек ќе се искористи за едукација и запознавање со основните карактеристики и заштитни елементи на книжните пари на вработените во банките и другите финансиски институции. Исто така тоа е време во кое можат да се спроведат и активности за приспособување на софтверските модели на машините за обработка на книжните пари, банкоматите и останатите автоматизирани машини за самопослужување коишто работат со готовина, што ќе овозможи непречена циркулација на новите апоен“, стои во соопштението.

200-denari-1

Утврдувањето на апоените на националната валута коишто ќе се пуштат во оптек, како што се наведува, претставува комплексен процес, а особено утврдувањето на вредносната разлика помеѓу две деноминации. Секоја земја треба повремено да изврши ревизија на постоечката апоенска структура, со цел да утврди дали е компатибилна со промените во општеството и трендовите на економскиот развој и економските движења. Соодветно приспособената апоенска структура претставува олеснување за потрошувачите, овозможува непречено одвивање на готовинските трансакции и намалување на трошоците на централната банка.

“Постоечката апоенска структура на книжните пари коишто се во оптек од осми септември 1996 година до денес нема претрпено промени и воведувањето на овие два нови апоена претставува прва промена којашто се спроведува по период од 20 години. Ваквата одлука е донесена врз основа на истражувања и анализи на сите постоечки фактори, при што се утврди дека постојат реални потреби за воведување на двата нови апоена. Воведувањето ќе овозможи зголемување на понудата на апоените коишто се на располагање при вршење готовински трансакции, а како секундарен ефект се очекува урамнотежување на побарувачката за одредени деноминации“, стои подолу во соопштението.

2000-denari

Книжните пари со апоенска вредност од 5.000 денари не се прифатени од пошироката јавност заради нивната висока номинална вредност, ограничена е застапеноста при вршењето на готовинските трансакции и размена, првенствено во трговијата. Нивната примена во секојдневните трансакции е незначителна.

Потреба од книжни пари со оваа деноминација не пројавуваат ниту банките и наместо нивната количина во оптек од година во година да се зголемува, таа постојано опаѓа и затоа тие ќе престанат да бидат законско средство за плаќање на 15-ти декември 2016 година. Деловните банки во Република Македонија ќе ги заменуваат книжните пари со апонска вредност од 5.000 денари од 15-ти декември 2016 година до 28-ми февруари 2017 година, а од први март 2017 година нивната замена ќе се врши од страна на Народната банка на Република Македонија.

2000-denari-1