НБРМ: Намалување на вкупните кредити на приватниот сектор во јануари

18

Првичните податоци за јануари покажуваат намалување на вкупните кредити на приватниот сектор, беше истакнато на редовната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка на Македонија.

“Во однос на кредитниот пазар, по силниот кредитен раст остварен во последниот квартал на 2015 година, особено во декември, првичните податоци за јануари покажуваат намалување на вкупните кредити на приватниот сектор. Месечното намалување на кредитите произлегува од намаленото кредитирање на корпоративниот сектор, што не е невообичаено за првиот месец од годината. Кредитите на домаќинствата и натаму растат на месечна основа, но умерено послабо во споредба со претходниот месец. Со оглед на силниот кредитен раст во последното тримесечје на 2015 година, којшто ги надмина очекувањата, годишната стапка на раст на вкупните кредити во јануари е околу 9% и е над проекцијата за првиот квартал на 2016 година. Во однос на депозитниот потенцијал, вкупните депозити се намалија во јануари, што следи по силниот раст во претходниот месец, при што нивната годишна динамика е блиску до очекувањата од октомвриските проекции“, се вели во соопштението на НБРМ.

Ликвидноста на банките, под влијание на автономните фактори во јануари, се намали и услови банките да го намалат износот на средствата пласирани во расположливи депозити кај Народната банка.

“Со оглед на намалената ликвидност, банките во јануари активно тргуваа со депозити, а меѓубанкарската каматна стапка се задржа на релативно стабилно ниво околу 1,0%. Воедно, во јануари, продолжија поволните движења на секундарниот пазар, каде што покрај со благајнички записи, пазарните учесници имаа зголемен обем на тргување и со државните хартии од вредност“, стои во соопштението на НБРМ.

Општо земено, последните остварувања укажуваат на задржување слична макроекономска слика како во октомвриските проекции, со солиден економски и кредитен раст, отсуство на ценовни притисоци и платнобилансна позиција којашто обезбедува натамошно одржување на девизните резерви на адекватното ниво. Основите на економијата и натаму се солидни. Ризиците произлегуваат од надворешното, но и од неизвесното домашно окружување.

НБРМ и во следниот период внимателно ќе ги следи движењата и доколку е потребно, ќе направи соодветни промени во монетарната политика за успешно остварување на целите на монетарната политика.