НБРМ: Пад на активата на банките за 1,5% во вториот квартал

22

evra 100

Активата на банкарскиот систем, во вториот квартал од 2016 година, забележа пад од 1,5%, беше истакнато на седницата на Советот на Народната банка на Република Македонија.

“Во услови на домашна политичка нестабилност, во вториот квартал од 2016 година, активата на банкарскиот систем забележа пад од 1,5%, којшто беше особено изразен во април и мај, кога влошените очекувања на економските субјекти доведоа до повлекување депозити од банките. Овие движења, проследени со шпекулативниот раст на побарувачката за девизи на менувачкиот пазар, ја наметнаа потребата од зголемување на каматната стапка на благајничките записи и на стапката на задолжителна резерва за обврските на банките во денари со девизна клаузула“, стои во соопштението на НБРМ.

Народната банка, како што се наведува, повторно им овозможи на банките да пласираат девизни депозити по позитивни каматни стапки. Како резултат од овие мерки на Народната банка, падот на депозитите на домаќинствата сопре и од јуни повторно бележат раст. Поради високиот износ на ликвидни средства насобрани во претходните периоди, намалувањето на депозитите во вториот квартал немаше позначителни преносни ефекти врз кредитите на банките. Кредитите забележаа солиден квартален раст од 2,4%, со што годишниот раст изнесуваше 8,2%.

“Од податоците за растот на кредитите се изземени ефектите од преносот на дел од целосно нефункционалните кредити во вонбилансната евиденција до 30 јуни 2016 година, коешто беше задолжително за банките. Сите трошоци поврзани со резервациите на овие побарувања се направени во претходните години, така што со оваа мерка банките не се соочија со никакви дополнителни расходи. На крајот од кварталот, учеството на нефункционалните кредити во вкупните кредити изнесуваше 7,5%. Ризикот за сопствените средства на банките од остварување на кредитниот ризик во иднина не е висок, поради високата покриеност на кредитите со издвоената исправка на вредноста, но и поради задоволителниот обем и квалитет на сопствените средства на банките“, стои подолу во соопштението.

Со повлекувањето на депозитите од банкарскиот систем во второто тримесечје од 2016 година, како што се наведува, се намалија ликвидните средства на банките, но поради нивната претходно висока состојба, како и поради инструментите на Народната банка за креирање ликвидност, кредитниот раст не беше загрозен, а профитабилноста и натаму се зголемуваше. Стапката на адекватност на капиталот забележа благ пад во вториот квартал и на 30 јуни изнесуваше 15,6%.

Беше заклучено дека брзата реакција на Народната банка придонесе во одржувањето на стабилноста на банкарскиот систем и во зајакнувањето на неговата основна функција на финансиско посредување меѓу штедачите и кредитокорисниците.

Советот ја разгледа и ја донесе и Одлуката за издавање дозвола и согласност за вршење услуга брз трансфер на пари. Оваа одлука се носи како нова поради законски промени. Имено, Законот за изменување и дополнување на Законот за вршење на услуги брз трансфер на пари е усогласен со новиот Закон за општа управна постапка, којшто определува обврска за јавните органи, по службена должност, да ги прибавуваат документите и податоците за странките за кои службена евиденција води друг јавен орган. Во Одлуката, меѓу другото, се определуваат документите коишто овластените службени лица на Народната банка треба да ги обезбедат по службена должност од други надлежни органи.