НБРМ редовно ќе ги објавува податоците за финансиските институции

22

Почнувајќи од денеска, 30 август 2013 година, Народната банка на Република Македонија (НБРМ), во рамки на монетарната статистика ќе започне со редовно објавување на податоците за останатите финансиски институции (осигурителните друштва, пензиските и инвестициските фондови, друштвата за управување со пензиските фондови и друштвата за управување со инвестициските фондови).

Покрај билансите и прегледите на депозитните институции, со квартална периодичност ќе се објавуваат и билансот и прегледот на останатите финансиски институции, како и консолидираниот преглед на финансиските институции. Согласно со календарот за објавување на статистичките податоци, рокот за објавување на овие податоци е поставен на т+60 дена.

Со вклучувањето на податоците за средствата и обврските на останатите финансиски институции, ќе се зголемат опфатот и квалитетот на монетарната статистика, ќе се изврши натамошно приближување кон статистичките барања на меѓународните и европските институции, а на корисниците на податоци ќе им се стават на располагање дополнителни податоци за анализа и следење на стабилноста на целокупниот финансиски систем.