НБРМ: Супервизорските колеџи се редовна практика

36

Народната банка на Република Македонија (НБРМ) укажува дека функционирањето на супервизорските колеџи е редовна практика за ефективна банкарска супервизија на меѓународните банкарски групации.
“Нема ништо ново во таа практика, којашто години наназад се спроведува и со грчката и со словенечката централна банка. Причината за учеството во супервизорските колеџи, коишто ја олеснуваат супервизијата на домашните деловни банки што се во сопственост на матични банки од странство, е во одговорноста на НБРМ за финансиската стабилност на земјата”, соопшти НБРМ.
НБРМ, се нагласува во соопштението, во својство на регулатор и супервизор на банкарскиот систем и на банкарските активности во земјата, спроведува разни мерки и активности заради стекнување релевантни сознанија за регионалните групации во чија сопственост се македонските деловни банки.
“За таа цел, НБРМ, преку присуството во супервизорските колеџи организирани од супервизорските органи на матичните банки и размената на мислења за профилот на ризик на домашните банки, редовно доаѓа до релевантни нови сознанија коишто се користат за поквалитетна супервизија на тие банки и на банкарскиот систем на Република Македонија во целина”, се вели во соопштението од НБРМ.