НБРМ: Зголемена каматната стапка на одобрените кредити кај корпоративниот сектор

16

Во јуни 2018 година просечните каматни стапки на вкупните кредити и вкупните депозити и натаму се намалуваа и се сведоа на 5,57% и 1,45%, соодветно, со што во однос на претходниот месец забележаа намалување од 0,04 п.п. и 0,01 п.п., соодветно, стои во соопштението на НБРМ.

Просечната каматна стапка на новоодобрените кредити во јуни изнесува 4,97%, што претставува месечно зголемување од 0,04 п.п. Од друга страна, по растот во мај, во јуни просечната каматна стапка на новопримените депозити оствари месечен пад од 0,14 п.п. и изнесува 1,29%.

Каматната стапка на вкупните кредити одобрени на корпоративниот сектор во јуни забележа надолна месечна промена од 0,04 п.п. и изнесува 4,92%. Падот кај оваа категорија произлегува од намалувањето кај сите компоненти: каматните стапки на денарските кредити со валутна клаузула, на кредитите во странска валута и денарските кредити без валутна клаузула, за 0,08 п.п., 0,04 п.п. и 0,02 п.п., соодветно. Во однос на јуни 2017 година, оваа каматна стапка е намалена за 0,57 п.п

Во јуни, каматната стапка на новоодобрените кредити на корпоративниот сектор се зголеми за 0,05 п.п. и изнесува 4,64%. Од аспект на валутната структура, зголемувањето е резултат на растот на каматните стапки на денарските кредити со и без валутна клаузула (за 0,21 и 0,11 п.п., соодветно), при минимален пад на
каматната стапка на кредитите во странска валута. На годишна основа, кај оваа каматна стапка е забележан пад од 0,38 п.п.

Просечната каматна стапка на вкупните депозити на корпоративниот сектор во јуни 2018 година изнесува 1,63% и во споредба со минатиот месец бележи намалување од 0,06 п.п. Притоа, надолната промена во целост се должи на падот на каматната стапка на денарските депозити без валутна клаузула од 0,11 п.п., во
услови кога каматните стапки на депозитите во странска валута и на денарските депозити со валутна клаузула бележат зголемување (од 0,14 п.п. и 0,01 п.п., соодветно). Споредено со јуни минатата година, оваа каматна стапка е пониска за 0,39 п.п.

Во јуни, просечната каматна стапка на новопримените депозити на корпоративниот сектор се сведе на нивото од 0,89%, што претставува месечно намалување од 0,50 п.п. Падот кај оваа категорија произлегува од намалувањето кај каматните стапки на денарските депозити со и без валутна клаузула и на
каматната стапка на депозитите во странска валута (за 0,70 п.п., 0,52 п.п. и 0,03 п.п., соодветно). Оваа каматна стапка е намалена за 0,33 п.п. на годишна основа.

Каматната стапка на вкупните кредити на домаќинствата во јуни изнесува 6,25%. Во однос на мај, остварено е месечно намалувањето од 0,04 п.п. како резултат на падот кај сите компоненти во оваа категорија: каматната стапка на денарските кредити без валутна клаузула (за 0,07 п.п.), како и каматните стапки на денарските кредити со валутна клаузула и кредитите во странска валута (за 0,02 п.п.,соодветно). На годишна основа, кај каматната стапка на вкупните кредити на домаќинствата е забележан пад од 0,26 п.п.

Во јуни, кај просечната каматна стапка на новоодобрените кредити на домаќинствата е забележан пад од 0,04 п.п. во однос на претходниот месец и таа изнесува 5,53%. Притоа, надолната промена во целост произлегува од намалувањето на каматната стапка на денарските кредити без валутна клаузула
(за 0,10 п.п.), при раст на каматните стапки на кредитите во странска валута и на денарските кредити со валутна клаузула (за 0,05 п.п. и 0,04 п.п., соодветно). Анализирано на годишно ниво, стапката бележи намалување од 0,16 п.п.

Просечната каматна стапка на вкупните депозити од домаќинствата трет месец по ред се одржува на нивото од 1,43%. Анализирано на годишно ниво, стапката бележи намалување од 0,07 п.п.

Во јуни, просечната каматна стапка на новопримените депозити од домаќинствата бележи месечен раст од 0,07 п.п. и изнесува 1,55%. Зголемувањето на месечна основа главно се должи на растот на каматните стапки на депозитите во странска валута и денарските депозити без валутна клаузула (за 0,13 п.п. и 0,05 п.п.,соодветно), во услови на минимален пад на каматната стапка на денарските депозити со валутна клаузула.

Во однос на јуни минатата година, оваа каматна стапка се намали за 0,09 п.п.