НБРМ:  Значително намалување на девизните резерви од почетокот на годината

14

Значително намалување е забележано кај девизните резерви од почетокот на годината, се наведува во извештајот на Народната банка на Македонија за најновите макроекономски показатели за декември 2014 и јануари 2015 година.

“Најновите податоци за девизните резерви покажуваат значително намалување од почетокот на годината, без ефектите од цените и курсните разлики и ценовните промени на хартиите од вредност. Намалувањето на резервите во овој период е последица на трансакциите за сметка на државата, при што најголем ефект имаше предвремената отплата на кредитот од ММФ, користен во рамки на Кредитната линија за претпазливост“, се наведува во извештајот.

Најновите високофреквентни податоци за економската активност за последниот квартал на 2014 година, како што стои во извештајот, и понатаму упатуваат на натамошен раст на домашната економија, со веројатно слично темпо како и во претходниот квартал. Континуитетот на раст на економијата во последното тримесечје се согледува преку најголемиот дел од секторските показатели, а за прв пат по половина година позитивни придвижувања на годишна основа се забележуваат и во градежниот сектор, при засилена активност во доменот на инфраструктурата. Досегашните движења кај показателите за економска активност упатуваат на можноста за поголем раст во 2014 година од очекуваниот.

“Во однос на монетарните движења, податоците за кредитниот пазар во јануари покажуваат намалување на кредитните текови на месечна основа, при послаба кредитна активност на корпоративниот сегмент. Ваквите движења не се невообичаени за овој период од годината, но сепак станува збор за мошне кус временски период за да може да се предвиди трајноста на ваквите движења“, стои во извештајот.

Кога се работи за депозитниот потенцијал, како што се истакнува, во јануари е забележан солиден раст. Со оглед на силниот раст на кредитите и депозитите на крајот на претходната година, депозитите и кредитите се близу до проекциите за првото тримесечје.