Не ги палете стрништата – Град Скопје бесплатно ги подига остатоците од бербата

23

Градот Скопје и годинава ќе организира бесплатно собирање на остатоците од берба за да се спречи палење на стрништата, а со тоа да се заштити воздухот од загадување. Оваа кампања, којашто ќе го опфати целиот Скопскиот плански регион, годинава е поддржана од Халкбанк, чие вклучување е резултат на посветеноста на банката на активности насочени кон подобрување на животната околина, стои во соопштението.

“Минатата година оваа кампања за првпат беше организирана од Град Скопје со поддршка од УНДП и МДЦ-Ти.нет и со гордост можам да кажам дека постигнавме одлични резултати. Тоа не охрабри кампањата да ја повториме и оваа година и да ја прошириме на повеќе нивоа. Во текот на 2019 година бесплатно подигање на отпадот од бербата од Град Скопје побараа над 120 жители на Скопје, при што беа подигнати, а со тоа беше спречено палењето на околу 700 кубни метри органски отпад. Покрај бесплатното подигање на органскиот отпад, како дополнителна мотивација нудиме можност на секој што ќе ја искористи оваа поволност, во сезоната на садење да добие околу 30 килограми органско ѓубриво на секои 100 килограми отпад“, рече градоначалникот Петре Шилегов, на денешната прес-конференција.

Градот Скопје е прва единица на локална самоуправа која спроведува кампања за елиминирање на палењето на нивите и стрништата, за да се намали загаденоста на воздухот, да се зачува плодноста на почвата, но и да се спречи ширењето на евентуални пожари кои неретко предизвикуваат материјални штети, а понекогаш загрозуваат и човечки животи.

“Како што најавивме лани, и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство годинава се вклучи во делот на планирањето на периодите кога се врши бербата на различните земјоделски култури, за што сме особено благодарни како институција. Во таа насока овој месец беше одбран како најповолен за пролетен старт на оваа кампања. Сакам да упатам благодарност и до Халкбанк која годинава се вклучи со поддршка на промотивните активности на оваа кампања“, нагласи Шилегов.

Халкбанк како еко ориентирана компанија која низ годините применува и поддржува бројни еко политики и проекти, со задоволство ја дава својата поддршка кон проактивноста на институциите за реализација на активности кои имаат за цел подобрување на квалитетот на воздухот и воопшто, на квалитетот  на  животната средина.

Како резултат на ориентираноста кон еколошките проблеми, Халкбанк неодамна лансираше и  мобилна апликација – HalkEco со која банката директно придонесува за почиста животна околина а и влијае на формирање здрави навики и на подигање на еко свеста како индивидуална одговорност за животната средина. Благодарение на ХалкЕко и нејзините корисници, банката има засадено над 6.000 дрвја во државата и забележува намалување на CO2 за 23.370 килограми.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, ги повика и останатите општини да се приклучат кон ваквата иницијатива.

“Ние, како Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе најдеме модел да се приклучиме и да придонесеме во подигнувањето на јавната свест за штетноста од палењето на стрништата. Упатувам апел до земјоделците од целата држава да не ги палат стрништата и сувите остатоци по дворовите, за да се даде максимален национален придонес кон намалување на загаденоста на воздухот и заканите од пожари. Земјоделците од скопскиот плански регион, ги повикувам да продолжат да се јавуваат во Градот Скопје за бесплатно собирање на стрништата“, рече Димковски.