
Стапката на невработеност во цела Австрија во јули изнесуваше 6,7 проценти, со 289.968 лица регистрирани во Заводот за вработување. На пример, во Виена моментално има 9.700 отворени работни места. Сепак, за многу компании е сè потешко да најдат соодветен персонал.
Мануел Лев-Бир, 35, основач и директор на компанијата за сајбер безбедност Spixnet, има слично искуство.
– Бараме двајца до тројца добри програмери, по можност за работа од дома. Што се однесува до образованието, секако е добро кандидатите да имаат завршено студии по компјутерски науки, но тоа не е строго задолжително – му рече тој на Хојте.
Плата од 5.000 евра
Досега немало недостиг од апликации, а според Лев-Бир, платата е добра.
– Нудиме над 5.000 евра месечно, што е до 30 проценти над колективниот договор – вели директорот, кој раководи со канцеларии во Виена и Ајзенштат.
Сепак, дури и таа плата не е доволна за некои.
– Еден студент на Техничкиот универзитет штотуку дипломирал и рекол: „Нема ни да почнам ако платата не е барем 70.000 евра годишно. Всушност сакам 105.000 евра“. Компанијата мора прво да може да си го дозволи тоа. Стартапот не е голема корпорација – објаснува основачот и директор.
Исто така, еден од најчестите проблеми е квалитетот на кандидатите, вели Лев-Бир.
– Околу 90 проценти од нив користат само ChatGPT. Ни требаат софтверски развивачи кои навистина знаат да програмираат. Во минатото, програмерите работеа на теми, пребаруваа софтверски библиотеки, толкуваа, адаптираа и го подобруваа кодот. Денес, речиси секој користи само ChatGPT и слични алатки, што доведува до целосно расипан код. Кандидатите треба да ги познаваат вообичаените програмски јазици како што се Java и Python, да знаат како да работат со векторски бази на податоци и да можат правилно да постават сервер – но речиси никој веќе не го знае тоа – објаснува директорот на компанијата.












