Купувањето на основни намирници треба да биде контролирано, без тенденција за правење залихи на производи, од причина што секогаш треба да внимаваме дека основните намирници како што се леб, млеко, сол, шеќер средства за лична хигиена треба да бидат достапни до секој граѓанин во државава. Секое прекумерно правење на залихи во храна и други производи кои се со рок на употреба може да доведе до состојба истите без потребно да се фрлаат, велат од Организацијата за заштита на потрошувачи на Македонија (ОПМ).
Следејќи ја состојбата со пандемијата на вирусот COVID-19 (коронавирус), оттаму апелираат до сите потрошувачи стриктно да се придржуваат кон упатствата дадени од страна на Владата, кои се однесуваат на тоа дека движењето во затворени простории (маркети и др.) да се практикува исклучиво според дадените препораки од страна на Институтот за јавно здравје.
Доколку забележите енормно зголемување на цените на производите веднаш пријавете во Државниот пазарен инспекторат на телефонскиот број +38923220547.
Поради новонастанатата ситуација со коронавирусот (COVID-19), канцеларијата на Организацијата на потрошувачите на Македонија – советодавното биро во Скопје нема да работи со странки, односно поплаките од страна на потрошувачите ќе се примаат исклучиво електронски преку платформата на веб страната на Организацијата на потрошувачите на Македонија: Поднеси поплака електронски, телефонскиот број +38923179592 и по пат на електронска пошта: [email protected], во период од 10 до 14 часот секој работен ден.
За периодот кога ОПМ ќе почне со примање на лични посети за поднесување на поплаки ќе бидете дополнително известени преку веб страната: www.opm.org.mk.
Фото: Pixabay