Не се откажувајте, продолжете да се обидувате и менувате, сè додека не успеете

1091

CEED Македонија клуб на бизнис ангели, постои веќе шест години, е еден од најактивните клубови во државата и е член на Европската мрежа на бизнис ангели (EBAN) веќе пет години. CEED Македонија клубoт на бизнис ангели досега има вложено над 250.000 евра во четири бизнис идеи, а се бори да стекне што повеќе членови и да го наметне бизнис ангелството како форма на инвестирање во нашата земја.
Јoван Маџовски, ко-основач na CEED Клубот на бизнис ангели и заменик-претседател за менаџмент и бизнис развој на CЕЕД Global (CEED Global, vice president of management & business development) во интервју за Иновативност зборува за улогата на бизнис ангелството во инвестициската заедница во Македонија и за други прашања врзани за бизнис ангелите.

Во моментов, како и сите други организации, сите настани се спроведуват онлајн. Во овој период повеќе се фокусираме на размена на искуства со други бизнис ангели и мрежи во Европа, како и на follow-up состаноци со претставници на бизнис идеи кои се влезени во “втор круг“ преговори.

Господине Маџовски, да поразговараме за улогата на бизнис ангелството во инвестициската заедница во Македонија. Колкава е сцената на бизнис ангели во Вашиот клуб и какви активности спроведувате?

Финансирањето претставува многу важен елемент за опстанокот и развојот на малите и средните претпријатија. Бизнис ангелите играат клучна улога во финансирањето на малите и средните претпријатија, особено на оние кои се иновативни и со висок потенцијал за раст. Тие го пополнуваат финансискиот јаз кој се појавува помеѓу основачите, семејството и пријателите, од една страна и официјалните институции за ризичен капитал, од друга страна, како извори на финансирање на малите и средните претпријатија. Групите на бизнис ангели инвестираат големи суми на пари во претпријатијата кои се наоѓаат во раните ризични фази на развој. Тие претпочитаaт да инвестираат во раната фаза на развој на малите и средните претпријатија.

Бизнис ангелите се од посебно значење за малите и средните претпријатија и поради фактот што освен финансиска поддршка, обезбедуваат и искуства, знаења, експертиза и контакти за ризичните бизниси. Бизнис ангелите се најчесто поединци со големо и долгогодишно искуство во бизнисот, имаат разновидни знаења и финансиски заштеди кои се спремни да им ги стават на располагање на сопствениците на малите и средните претпријатија за започнување и развој на нивните бизниси.

CEED Македонија клубoт на бизнис ангели досега има вложено над 250.000 евра во четири бизнис идеи, од кои една во неколку круга на инвестирање, и уште неколку се разгледуваат како потенцијални инвестиции.

Клубот на бизнис ангели дел од своите активности ги финансира од самото членство, а дел се поддржани од проектите на УСАИД и SWISS EP програма. Минатата година како дел од проектот на Министерство за економија, беше организирана и првата Трибина на тема бизнис ангелство, воедно на истата беше и промовиран првиот прирачник за бизнис ангелство.

Со кои проблеми и предизвици се соочуваат бизнис ангелите во Македонија?

Бизнис ангелството е сè уште во рани зачетоци на овие простори, и моментален предизвик е да се зголеми бројот на членови, бизнис ангели. Наш мотив и фокус е да се промовира бизнис ангелство како начин на финансирање на бизнис идеи и стартапи. Настојуваме да организираме отворени настани за потенцијални бизнис ангели, преку кои би можеле да добијат повеќе информации како функционира Клубот на бизнис ангели и кои се придобивките од истиот.

Во поглед на неопходноста од адаптација на бизнис регулативата веќе е поднесена иницијатива за измена до Министерството за економија. Кажете ни нешто повеќе за оваа иницијатива?

CEED Македонија клуб на бизнис ангели соработува со останатите стејкхолдери во претприемачкиот екосисистем, со цел да ги подобриме условите за развој и раст на старапите или бизнисите кои се на самиот почеток од нивниот развој и постоење. Една од овие инцијативи е подобрување на законските решенија кои ќе им помогнат на бизнис ангелите како идни сопственици да можат да инвестираат во што поголем број на компании, иако при тоа, шансите сите да успеат се минимални. Поточно, искуствата во светот покажуваат дека од 10 инвестиции, голема е веројатноста дека 5 или 6 нема да успеат (ќе банкротираат со што бизнис ангелите целосно ќе ги загубат своите пари и вложувања), 1-2 ќе опстанат и многу споро ќе растат, но нема да можат да ги вратат средствата на бизнис ангелите (бизнис ангелите нема да добијат пари назад, но ќе имаат влог или удел во компанијата кој можеби во иднина ќе им ги врати средствата), 1-2 ќе продолжат брзо да се развиваат и ќе донесат враќање на инвестицијата, но со помал принос (т.н. мултипликатор од 1 до 2), а една ќе направи толку брз и значаен раст што ќе обезбеди поголем мултипликатор, со кој бизнис ангелите ќе можат да си ги вратат загубените пари во оние бизнис кои пропаднале или не растат доволно брзо.

Бизнис ангелството не е професија од која некој треба да создаде финансиска иднина (заработува) туку е повеќе како микс на професија, хоби и начин за оние кои успеале да вратат назад на оние кои тек сега треба да успеат. Основата е дека на бизнис ангелите некој им помогнал за да постигнат успех и достигнат ниво на бизнис ангели, и сега тој начин на позитивно однесување тие сакаат да го продолжат (познати се изреките: остави нешто зад себе за да најдеш пред себе, или ако успееш да се качиш на врвот, врати го лифтот назад повторно на приземје за следниот да може да се качи).

Ваквите законски решенија се неопходни за развивање на бизнис ангелството кај нас и благодарение на поддршката од Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем имавме директна презентација на предностите на една ваква развојно наклонета регулатива пред Министерството за економија и редовно учествуваме во развојот на можните законски решенија. Од голема помош, секако беше и патувањето во Израeл, на кои дел од стејкхолдерите, бизнис ангелите и ние можевме повеќе да научиме за тоа како тие го имаат изградено и сеуште го развиваат нивниот претприемачки екосистем и местото на бизнис ангелите во тој екосистем.

Кога ќе се усвојат предложените измени, каква промена на инвестициската клима може да се очекува? 

Со оглед на сегашната ситуација, се надевам дека ваквите измени ќе бидат усвоени до крајот на оваа година и со тоа ќе се даде нов импулс на сите форми на инвестирање во компаниите, вклучувајќи ги бизнис ангелите и приватните инвестициски фондови, кои се базираат на високо ризични инвестиции.

 Господин Маџовски, за крај кои се Вашите препораки до самата стартап сцена кога бараат инвестиции? 

При презентирање на вашата бизнис идеја, најбитно е да се нагласи каков “проблем“ решава. Како следен чекор е таа услуга/производ да ја понудите на неколку ваши потенцијални клиенти/купувачи, како би го истражиле пазарот. Како трето, презентирајте ја идејата на што поголем број на јавни стартап настани и инвеститори како би добиле искрен feedback. Не се плашете дека идејата ќе ви биде земена или украдена, веројатно многу од веќе развиените компании на пазарот размислувале да го направат тоа што вие сакате да го направите, но од некакви причини (кои вие во моментов не ги знаете) одлучиле да не инвестираат во тој производ или услуга. Ако вие ги решите и надминете тие причини, тогаш сте на правиот пат, и доколку успеете да им засметате или влезете како трн во очи (им станете конкурент), тогаш сте направиле иновација. Иновацијата мора да е пазарно валидирана за да биде иновација. Сè додека не сe валидира на пазарот со конкретен пазарен удел, тоа е само идеја.

Продолжете да сонувате, продолжете да им пркосите на постоечките производи и услуги и продолжете да се обидувате и менувате (т.н. пивотирате) сè додека не успеете. Ако не успеете со првата идеја, имате уште барем неколку обиди пред себе за да успеете со сличен или сосема друг производ или услуга.