Старата скопска чаршија некогаш била срцето на градот, центарот на бизнисот, а денес е место за шетање и дружење. Така вели Андреја Нешовски, занаетчија, кој 60 години работи во својот дуќан и бил сведок на многу работи, на подеми, убави денови, но и на падови. Некогаш било убаво да си занаетчија. Напорно, макотрпно, но убаво. Денес да си занаетчија значи едвај да врзуваш крај со крај. Ова е неговата приказна.
БИ: Од кога се занимавате со овој занает, го наследивте од некого или Вие го започнавте?
Во 50-тите години одев во занаетчиско училиште. Тогаш се учеше претежно занает, па сме учеле и сме работеле во исто време. Откако завршив занает, полагав испит, па бев во војска две години. Кога се вратив од војска работев во Раде Кончар. Работев прво по приватни мајстори и во 1960 го отворив овој дуќан.
Овде се правеше сè што е потребно за домаќинство. Без овој занает не можело да се живее. Прво, за леб печење имало вршници, сачови. Луѓето користеле корита за бањање, ќумци, ќумбиња, лонци, котлиња, тави… тогаш ние сме биле индустрија. Во секоја куќа морало да имаат нешто од моите работи. Ако е за земјоделие, тогаш биле канти за полевање, казани за печење ракија. Потоа не заменија фабриките. Кинеска стока и пластика. Ние веќе немаме работа. Доаѓа увозна стока, неквалитетна, земи славина, за една недела фрли ја. Порано не било така.
БИ: Што се продава сега најмногу?
Работата е многу намалена, скоро ништо не продаваме. Многу малку. Едвај опстојуваме. Ни казаниве не одат како што одеа порано. Цената на казаните е од 500 до 1.200 – 1.300 евра. Бакарот е многу скап, затоа и казаните се скапи. А се знае, јадењето што се јаде во бакар е повкусно. Тепсии, котлиња, сè во тоа порано се готвело и сè било бакарно. Сега се изменија работите. Некако нè совладува модата, нема побарувачка. Гледам тенџериња продаваат за 22.000 денари. А што има поквалитетно од бакарно котле? Народот мисли сè што е поскапо е поубаво.
БИ: Сте имале периоди кога не сте можеле да постигнете со нарачки?
Е, тоа време помина. Имаше и такво време. Имаше порано многу работа, бевме голем пазар. Нас ни доаѓаа дури од Белград да купуваат, сме оделе и ние таму да продаваме.
Порано беше посебно лимар, посебно казанџија. Сега јас сум и едно и друго. Овде по оваа улица имаше 40 дуќани како мене. Сега уште јас сум. Само за казани во чаршијава имаше 20 дуќани. Сега кој умрел, кој затворил, кој остарел, во цел град само јас останав со ваков занает. Отиде занаетот веќе. Колку многу занаетчии имаше овде, сега нема качар, калајџија, самарџија, потковачи, столари, тоа се е на нула. Во чаршијата останаа уште двајца тројца ковачи, тенеќеџии, шапкар, свеќари неколку, постари мајстори… можат на прсти да се пребројат занаетчиите во чаршијава.
БИ: Кој ќе го наследи бизнисот после вас?
Имам син, внук. Кога има работа, помагаат, работат. Јас веќе во пензија ќе одам, синот ќе продолжи.
БИ: Последниве неколку години наназад чаршијата повторно заживеа. Чувствувате ли некаква промена, некакво раздвижување?
Секогаш било убаво во чаршијата. И сега е убаво, ама не е тоа време, не е таа работа, не е тој промет. Се движи народ, но сите одат со празни раце. Порано секој носеше нешто, купуваат, носат. Сега само шетаат. Странците само гледаат, нема што да земат од овој дуќан. Не можат да изнесат толку големи работи. Странците не ни користат вакви работи, ретко некој ако земе нешто. Еве ќе ви кажам и една мала анегдота во врска со странците. Дојдоа од Африка туристи да видат што е, како е. Им викам од каде знаете, кој ви кажал? Викаат “интернет, интернет”. Во Африка разбрале за овој занает.
БИ: Има ли некаков интерес кај помладите за учење занает?
Сега никој не сака да работи занает. Не сакаат. Што знам, некако народот не ја сака работата. Цела ноќ да шетаат, цел ден да спијат, тоа е денес. Никој не дошол да бара работа во дуќанов. Ни ученик, ни работник. Но, таков е животот, се менуваат времињата. Порано во една фамилија имаше по седум – осум деца, па можеле и да одат по работа, по стока, по занает, да учат. Ама така одат работите, се во свое време, по ред.