Недостатокот на чипови не ја одмина Тесла

98

Тесла  привремено прекина некои операции во фабриката во Шангај минатиот месец, бидејќи глобалниот недостаток на полупроводници го погоди производителот на електрични автомобили на еден од неговите најважни пазари.

Во август, дел од монтажната линија во кинеската фабрика беше затворена околу четири дена поради недостаток на клучни чипови, соопштија лица кои сакаа да останат анонимни.

Во последната година, зголемената конкуренција за чипови влијаеше на многу индустрии, при што пандемијата ја зголеми побарувачката за електроника и ги наруши синџирите на снабдување. Овие полупроводници се користат во автомобилски компјутери и сензори, а производителите на автомобили ширум светот ги загубија приходите бидејќи недостатоците влијаат на нивното производство.

Во јули, Тесла испрати околу 33.000 електрични возила од фабриката во Кина на домашниот и странскиот пазар. Во февруари оваа година, компанијата со седиште во Пало Алто, Калифорнија, го прекина производството во американската фабрика за склопување автомобили околу две недели поради доцнењето на пристаништата и снежните бури што влијаеа на копнениот транспорт.

Продажбата на мало на автомобили, кросовери и мултифункционални возила Кина, најголемиот светски пазар за електрични возила, се намали за 6,4% во јули од претходната година, на 1,52 милиони единици, според Автомобилската асоцијација на Кина.
Прелиминарните податоци покажуваат дека продажбата во август се очекува да падне за уште 13%, соопшти асоцијацијата во средата.