
Работното искуство веќе не е еден од главните фактори за вработување. Во услови на недостиг на работници, работодавачите веќе не гледаат дали некој има соодветно образование и работно искуство во одредена област туку гледаат само да се пополни празното работно место.
Но, според познавачите на состојбите на пазарот на трудот ваквите одлуки на долг рок се неодржливи и водат до загуби и до затварање на фирмите.
-Вработување на работници по секоја цена и без работно искуство можеби е привремено решение, но не е одржливо на долг рок. Во пракса се покажало дека ваквите одлуки во голем број случаи се на штета на фирмите и може да доведат до загуби, па дури и до затварање на фирмите. Во последно време ова веќе се случува во Македонија во прехранбената индустрија, банкарството, транспорт, градежништво, угостителство… и во други сектори, вели за „Локално“, Миле Бошков претседател на Бизнис – конфедерација на Македонија.
Тој додава дека поради вработување на несоодветен кадар компанијата трпи многу загуби. Така на пример во прехранбената индустрија многу домати, пиперки, крставички….завршуваат во канта наместо во тегла.
-Ниското ниво на професионалност, хигиена, познавање на производствениот процес води до поголеми загуби. Не само во индустријата за храна, туку и во другите сектори изостануваат ефектите од вработување на несоодветен кадар. Така на пример поради несоодветен квалитет на кадарот кој работи во приватните здравствени установи пациентите се незадоволни од услугите во овие установи. Слично е и во градежништвото каде се вработуваат работници кои никогаш не отишле на градилиште, појаснува Бошков.











