Ненад Јовановски избран за генерален директор на МЕПСО

22

mepso

Надзорниот одбор го именува Ненад Јовановски за претседател на Управниот одбор и генерален директор на Операторот на електропреносниот систем на Македонија, акционерско друштво за пренос на електрична енергија и управување со електроенергетскиот систем, МЕПСО.

Јовановски е дипломиран електроинженер со богато и долгогодишно работно искуство во подружницата Оператор на електропреносниот систем (ОЕПС) во рамки на МЕПСО, а од март годинава досега ја извршуваше функцијата Заменик на генерален директор. Јовановски својата кариера во МЕПСО ја започна како оперативен водител во Националниот диспечерски центар (НДЦ). Јовановски работеше 12 години во НДЦ, организациска единица од круцијално значење за ОЕПС и за МЕПСО, од каде во реално време и во континуитет 24 часа секојдневно се управува македонскиот електроенергетски систем. Потоа во период од две години Јовановски беше ангажиран во процесите на организирање аукции за расположливи прекугранични капацитети и други процеси за оперативно планирање во ОЕПС. Кон крајот на јануари 2014 година беше именуван за директор на подружницата ОЕПС и за член на Управниот одбор на МЕПСО. Јовановски е член на бордот на директори на SEE CAO, регионална компанија која организира аукции за закуп на расположливи прекугранични капацитети, а го претставува МЕПСО и во Комитетот за системски операции за управување со електропреносните системи на Европската асоцијација на електропреносни систем оператори (ЕНТСО-Е). Јовановски на позицијата генерален директор и претседател на УО го замени м-р Синиша Спасов, кој четири години управуваше со МЕПСО.

На истата седница Надзорниот одбор ја именува Елизабета Гиовска за Заменик на генерален директор на МЕПСО. Гиовска е дипломиран машински инженер со 12-годишно работно искуство во енергетиката од кои 10 години во МЕПСО, период во којшто особено се истакнува нејзиниот досегашен професионален ангажман во Операторот на пазар на електрична енергија (ОПЕЕ), подружница во рамки на МЕПСО. Гиовска 10 години наназад активно е вклучена и даде значаен придонес во процесот на спроведување на реформите во сите досегашни фази од либерализација на пазарот на електрична енергија, коишто се во делокругот на активности на МЕПСО преку подружницата ОПЕЕ. На функцијата Заменик на генерален директор Гиовска доаѓа од позиција раководител на Одделот за организирање на пазарот на електрична енергија во рамки на подружницата ОПЕЕ.

Колективот на МЕПСО во оваа прилика му се заблагодарува на м-р Синиша Спасов под чие водство во последниве четири години беа реализирани низа проекти значајни за развој на преносната мрежа и за подобрување на доверливоста во управувањето со електропреносниот систем. Меѓу овие проекти најзначајни се следниве: изграден и ставен под напон и товар е нов 400 kV интерконективен далекувод што ги поврзува електропреносните системи на Република Македонија и на Република Србија, изграден и ставен под напон и товар е нов 110 kV далекувод што ги поврзува трансформаторските станици Битола 3 и Битола 4, изграден и ставен под напон и товар е нов 110 kV далекувод што ги поврзува трансформаторските станици Скопје 1 – Југохром – Теарце – Тетово 1, набавени и имплементирани се нови SCADA/EMS и MMS системи за потребите на управување со електропреносниот систем и за организирање на пазарот за електрична енергија, како и изградба на нова 110 kV разводна постројка за приклучување на преносната мрежа на трансформаторската станица Петровец.