Неславен крај на проектот на Маск за транспортот на иднината

154

Една од бројните визии на Илон Маск се однесува и на Hyperloop, транспортот на иднината кој може целосно да го револуционизира начинот на патување и поврзување на далечните места. Се заснова на магнетна левитација и вакуумски цевки низ кои капсулите што носат луѓе треба да минуваат со голема брзина.

Теоретски станува збор за брзини од околу 1000 km/h, што значи дека таков систем еден ден би можел да го замени воздушниот сообраќај, барем на ист континент, но прашање е како ќе се развива овој транспортен систем во иднина.

Ако сакаме да судиме според првиот прототип на Маск, Hyperloop, не многу добро. Имено, пред неколку години, во близина на седиштето на SpaceX во  Калифорнија, беше поставен надземен тунел, односно цевка за тестирање на овој транспортен систем долг околу 1,6 километри.

Овој тунел, како што сликовито го опишаа на The Verge, требаше да биде „демонстрација на визијата на Маск“. Откако беше претставен во 2018 година, беше наменет за натпревари на студенти кои можеа да ги тестираат своите капсули во него, а потоа Маск најави дека во 2019 година може да очекуваме многу подолг тунел со должина од околу 10 километри, кој ќе има и кривини.

Колку напреднала визијата на Маск најдобро покажува областа каде што беше инсталирана првата цевка Hyperloop во 2018 година. Имено, како што објавија медиумите неделава, тој надземен тунел бил демонтиран и отстранет. Наместо тоа, на таа локација е предвиден паркинг.