Нето добивка од 18,6 милиони денари за Триглав Осигурување АД Скопје

19

triglav

Триглав Осигурување АД Скопје оствари нето добивка за финансиската година во износ од 18.659.000 денари, стои во Образложението за остварените резултати објавено на Македонска берза.

Комбинираниот количник, којшто ја мери ефикасноста на осигурувањето во основната дејност, во 2015 година изнесува 101,7%. Споредено со минатата година, ситуацијата е подобрена, што значи дека коефициентот се намали за 1,6 процентни поени.

“Триглав Осигурување АД Скопје континуирано ја држи лидерската позиција на пазарот за неживотно осигурување во Македонија. Според последните официјални податоци (трет квартал од 2015 година), учеството на Друштвото во вкупната бруто полисирана премија на пазарот изнесува 18,16%, што претставува зголемување на пазарниот удел за 1,18 процентни поени, споредено со 2014 година“, стои во Образложението.

Остварените вкупни приходи во периодот јануари – декември 2015 година изнесуваат 1.134.336.000 денари и во споредба со остварените во истиот период во 2014 година бележат пораст од 3,4%. Остварените вкупни расходи во периодот јануари – декември 2015 година изнесуваат 1.108.718.000 денари и во споредба со остварените во истиот период во 2014 година бележат пораст од 7,6%.