Нето надворешниот долг на земјава е 27% од БДП на крајот на јуни

31

Нето надворешниот долг на земјава на 30-ти јуни оваа година, изнесува 2.953.000.000 евра (или 27% од БДП). Нето надворешниот долг на земјата во вториот квартал од 2020 година е зголемен за 39 милиони евра или за 1,3%, покажуваат податоците на Народна банка.

Од аспект на структурата и понатаму поголемо учество во вкупниот нето-долг има приватниот нето-долг со 63%. Во однос на крајот на 2019 година, нето надворешниот долг е зголемен за 155 милиони евра (или 5,5%), при зголемување на нето јавниот долг (за 217 милиони евра) и намалување на нето приватниот долг (за 62 милиона евра).

Бруто надворешниот долг, на крајот на јуни од 2020 година, изнесува 8.782.000.000 евра (или 80,3% од БДП) и бележи квартално зголемување од 472 милиона евра (или за 5,7%). Доколку од долгот се исклучи ефектот од специфичните активности за управување со девизните резерви на централната банка, бруто-долгот бележи квартално зголемување од 610 милиони евра. Оваа квартална промена е резултат на зголемениот јавен долг за 782 милиони евра, во услови на пад на приватниот долг за 172 милиони евра. Кварталното зголемување на јавниот долг (без специфичните активности за управување со девизните резерви на централната банка) е резултат на зголемениот долг на секторот “држава“ за 795 милиони евра, наспроти падот на долгот на јавните банки и јавните претпријатија (за 12 милиони евра). Падот на приватниот надворешен долг се должи на намалениот долг на капитално поврзаните субјекти (за 110 милиони евра), небанкарскиот приватен сектор (за 81 милион евра), во услови на раст на долгот на приватните банки (за 19 милиони евра).

Во споредба со крајот на 2019 година, бруто надворешниот долг е повисок за 627 милиони евра или за 7,7%. Притоа, во првата половина од 2020 година, долгот со исклучен ефект од специфичните активности за управување со девизните резерви на централната банка е зголемен за 553 милиони евра. Остварениот раст е резултат главно на зголемениот јавен надворешен долг (за 549 милиони евра), а во помал обем и на зголемениот приватен долг (за 4 милиони евра). Растот на јавниот долг се објаснува со зголемените обврски на секторот “држава“ (за 567 милиони евра) наспроти намалените обврски на јавните банки и јавните претпријатија (за 16 милиони евра). Во однос на приватниот долг, раст е забележан кај обврските на капитално поврзаните субјекти (за 41 милион евра) и приватните банки (за 25 милиони евра), наспроти намалените обврски на небанкарскиот приватен сектор (за 62 милиона евра).

Фото: Pexels