Никнува нов главен град на Египет – завршени повеќе од 70% од работите

328

Египетскиот претседател Абдел Фатах Ал Сиси ја започна изградбата на новиот главен град пред пет години, а досега се завршени повеќе од 70% од работите. Првите изградени згради се црква и џамија, а според претходните најави, наскоро ќе бидат преместени сите министерства и седиштето на Владата за чии потреби се изградени нови згради.

Проектот според многумина е еден од најголемите урбани и градежни проекти на континентот и се смета за неопходен поради пренатрупаноста на Каиро (кој се наоѓа околу 45 километри оддалеченост од новиот град). Инаку, името на новиот град сè уште е непознато.

Сепак, она што е познато е дека градот ќе биде седиште на парламентот, министерства, амбасади, владини агенции, претседателски комплекс. Во него ќе живеат околу 6,5 милиони луѓе.

Центарот ќе биде со облакодери, и новиот главен град ќе вклучува околу 2.000 образовни институции, парк за технологија и иновации, повеќе од 600 болници, 1.250 џамии и цркви, стадион со 90.000 места, 40.000 хотелски соби, вештачки езера…

Покрај тоа, владата се обврза дека ќе обезбеди 15 квадратни метри зелена површина по глава на жител – планираната зелена површина ќе биде двојно поголема од њујоршкиот Централ парк.