Николоски: Во 2023 има средства за зголемените плати од оваа година и претстојното усогласување со минималната плата

75

Во Предлог-буџетот за 2023 година точно и прецизно се планирани средства за плати согласно растот на минималната плата и усогласувањето кај останатите вработени, содржи 250 милиони евра за справување со кризата, средства за зголемените пензии, а ѕвезда водилка на овој Предлог буџет ќе бидат капиталните инвестиции.

Ова го истакна заменик-министерот за финансии Филип Николоски во гостување на 24 Анализа на Тв 24, каде потенцира дека предложениот буџет за 2023  е директен одговор на предизвиците од кризата, тој претставува слика на мерките и политиките што ги носи Владата, односно ќе ги носи во следната година и предвидува макроекономска стабилност и фискална консолидација.

„Три клучни работи има во Предлог буџетот за 2023 година. Прво и основно е дека  одвоивме 250 милиони евра како  поддршка за справување со кризата во која сме и која најверојатно ќе трае и во првата половина од следната година. Второ, одвоени се дополнителни средства за пензионерите, односно масата пари за Фондот е зголемена за 120 милиони евра, што е уште една потврда дека оваа Влада се грижи за пензионерите, бидејќи знаеме дека оваа година досега пензиите се зголемија за 10-тина проценти, а веќе во март наредната година ќе има дополнителни уште најмалку 6 % зголемување. И трета важна работа е сумата, односно износот на капиталните расходи кои се планирани на ниво од 800 милиони евра, кои ќе бидат силен поттик на економијата, истакна заменик-министерот Николоски.

Тој потенцира дека зголемувањата на платите во оние сектори кои беа направени во оваа година се пренесуваат и во идниот буџет.

„Оваа година се грижевме за најголемиот дел од вработените. Се зголемија платите во образование за 15 % за над 37000 вработени, потоа во МВР за 12000 вработени 5 %, во културата за 3500 вработени 30 %, во судството над 2600 вработени 15 %, за 20.000 вработени во здравството 5 %, што се надополнува на оние зголемувања на платите во претходните години од 15% и 20 %. Потоа во високото образование 7 % за 4000 вработени… Тоа се над 80 илјади вработени во јавниот сектор. Дополнително линеарно зголемување ќе има уште кај 25 илјади вработени кај кои во платата една од компонентите е минималната плата, рече Николоски.

Тој додаде дека со воспоставениот модел за раст на минималната плата во март таа ќе порасне за 10 % и ќе достигне речиси 20.000 денари, односно, како што потенцира, во март годинава беше 15.200 денари, а во март следната година ќе достигне 20.000 денари што е за 31 проценти раст, а во однос на нивото од пред шест години има раст од 100 %.

Во однос на капиталните расходи посочи  дека за буџетот во 2023 година ѕвезда водила ќе бидат капиталните инвестиции и оти очекува поголема реализација на проектите што би достигнала минимум 90%.

„Во 2023 година ѕвезда водилка ќе бидат капиталните инвестиции. Голем дел од инвестициите од оваа година се  пренесоа за реализација во наредната година. Очекувам минимум 90 % реализација.  Од оние 800 милиони евра предвидени над 40 проценти се за инфраструктура пред се Коридорот 8 и Коридорот 10 Д, потоа автопатски делници Тетово-Гостивар, Требениште-Струга, железничката пруга кон Бугарија и други”, потенцира заменик-министерот за финансии.

Во гостувањето се осврна и на даночната реформа, за која рече дека не станува збор ниту за нови даноци, ниту за зголемување на даноци.

„Концептот што беше широко дебатиран со сите релевантни чинители е само дел од Стратегијата за даночни реформи. Во контекст на тоа тука не станува збор за нови даноци, туку за некои даночни ослобдувања, за што ние ги зедовме предвид сите препораки и забелешки од сите чинители со кои дебатиравме. Има неколу сценарија и наскоро ќе излеземе точно што ќе се применува од следната година, што од 2024 и што од 2025 година, бидејќи таа реформа постепено ќе се спроведува, истакна заменик-министерот за финансии.

Во однос на кризата посочи дека Владата има капацитет за справување и потсети на донесените два пакета антиризни мерки од 760 милиони евра, што беше нотирано и од страна на Светска банка, дека сме држава број еден во регионот со издвоени средства за помош како процент од БДП.