Веќе на првиот ден од отворањето на славната германска патека Нирбургринг настана невиден хаос.
Сите љубители на брзото возење ја обожаваат патеката Нирбургринг, а по повеќе од еден месец самоизолација и карантин се упатија кон оваа славна патека со цел да го надоместат загубеното време и да „свртат некое крукче“ со своето возило. Нирбургринг е „светост“ за сите љубители на брзината, поради што не треба да зачуди дека веста за отворањето по повеќе од еден месец е дочекана со општо воодушевување и навала на автомобилистите во популарниот „Зелен пекол“.
Организаторите ги предупредуваа посетителите и се трудеа да спречат масовно собирање и било какви штетни ситуации со цел да се спречи евентуалното ширење на пандемијата на коронавирусот, но ништо од тоа не вроди со плод.
Воведени се правила за најмногу две лица во автомобил, при што лицата се пријавуваат уште при купувањето на картите. Забрането е да се излегува од автомобилот на влезот од комплексот, а корисниците имаат на располагање еден строго контролиран санитарен јазол. Најпопуларната патека меѓу возачките „туристи“ ги отвори своите врати на 30 април кога беше воведен систем за продажба на карти исклучиво онлајн.
Сепак, сето ова не беше доволно за да се спречат многубројните собири на автомобилските ентузијасти.
Преземено од Avtoplus.mk