
Швајцарската компанија „Гунвор“, која понуди да ги купи меѓународните средства на рускиот нафтен гигант „Лукоил“, соопшти дека ја повлекува својата понуда откако САД изјавија дека „никогаш“ нема да одобрат таков договор.
„Претседателот Доналд Трамп јасно стави до знаење дека војната мора веднаш да заврши“, беше објавено на официјалниот профил на мрежата „X “ на Министерството за финансии на САД. „Додека рускиот претседател Владимир Путин продолжува со своите бесмислени убиства, на пионот на Кремљ, „Гунвор“, никогаш нема да му биде дозволено да работи и да остварува профит“.
„Изјавата на Министерството за финансии е фундаментално погрешна и неточна“, изјави портпаролот на „Гунвор“, Сет Пјетрас, за „Политико“. „Во меѓувреме, „Гунвор“ ја повлекува својата понуда за меѓународните средства на „Лукоил“.
Острите изјави дојдоа откако „Лукоил“ минатата недела објави дека прифатил понуда од мултинационалната трговска куќа за купување на нејзиниот меѓународен бизнис, откако администрацијата на Трамп објави санкции против руската енергетска компанија. Лукоил соопшти дека Министерството за финансии на САД мора да го одобри договорот пред компанијата официјално да биде ставена на црната листа на 21 ноември.
Во Европа, Лукоил поседува две рафинерии во Бугарија и Романија, 45 проценти удел во холандска фабрика за преработка на гориво и околу 2.000 бензински пумпи.











