Ништо повеќе нема да биде исто во светот на бизнисот по пандемијата

277

Веќе стана здодевно да се повторува колку пандемијата предизвикана од коронавирусот го менува светот, навиките, луѓето… Сето она на што претходно не ни обрнувавме внимание сега ни станува приоритет – здравјето!

Светот полека се крева на свои нозе по последиците што ги остави пандемијата, но сепак луѓето стануваат свесни дека веќе ништо нема да биде како порано. Така ќе биде и во светот на бизнисот. Здравјето на вработените ќе биде најважниот приоритет што работодавачите треба да го имаат на ум. Освен тоа, концептот на дигитализација повеќе нема да биде прашање, туку единствен избор.

Не е важно од каде, туку како се работи

Работата од дома во последните неколку месеци стана сосема вообичаена за многу дејности што го овозможуваат тоа. Повеќе нема да биде важно да се има најскапиот деловен простор или најлуксузно опремена канцеларија, туку приоритетот ќе биде ставен на суштинскиот дел од работата. Пандемијата нè научи дека треба да ги одвоиме важните од помалку важните работи, да бидеме повнимателни и да обрнуваме внимание на битните детали. Сето она што може да се заврши од удобната фотелја во домот, на тераса во викендичка или некаде во природа, нема да мора да се сработи во канцеларија. Таквата флексибилност е важна за креативните професии, кои бараат поголема концентрација, наплив на идеи и мотив за работа.

Дигитална трансформација

Интернетот во последните неколку месеци стана исто толку важен како и некои основни ресурси без коишто не можеме да си го замислиме животот. Голем дел од луѓето остануваат поврзани, заштитени од заразата, во удобноста на својот дом и овозможуваат непречено да се одвиваат сите процеси. Трговците сè повеќе треба да се фокусираат кон дигиталните продавници, бидејќи тие се безбедниот начин на купување во дома на пандемија. И откако ќе заврши пандемијата, светот ќе има корист од дигиталните решенија.

Флексибилно работно време

Пандемијата покажа дека може да се функционира и во ограничени услови. Сето тоа треба да ги наведе менаџерите подобро да управуваат со своето и времето на своите вработени. На тој начин, ќе ја обезбедат неопходната ефикасност, ќе ја поттикнат креативноста, но и задоволството кај своите вработени.

Емпатија, солидарност…

Овие поими како беа подзаборавени, па за жал преку овој вирус ги вративме во нашиот речник. Огромни се загубите и последиците што светот ги претрпе од ударот на коронавирусот, но во исто време пристигнува помош и поддршка. Многу бизнисмени, претприемачи, директори на дело ја покажуваат својата солидарност, сочувствуваат со вработените, им нудат помош и поддршка што им е неопходна. Постои надеж дека таквиот однос треба да продолжи да “живее“ и после пандемијата.

Фото: Pixabay