Јапонскиот производител Nissan официјално откри дека ќе го напушти развојот на нови мотори со внатрешно согорување во Европа
Пристигнува новото нормално во автомобилската индустрија. Барем кога станува збор за Европа. Имено, Nissan јавно потврди дека ќе го напушти развојот на нови мотори со внатрешно согорување за автомобилите кои ќе ги продава на Стариот континент. Оваа важна вест ја соопшти извршниот оперативен директор Ашвани Гупта за време на прес-конференцијата наменета за резултатите на компанијата за време на третиот квартал од 2021 финансиската година.
Тој исто така даде и аргументирано објаснување за оваа тешка одлука. Гупта истакна дека Nissan ќе стави крај на развојот на конвенционални модели за Европа како последица на престојната промена во преференците на клиентите предизвикани од имплементацијата на Euro 7 регулативите. Производителот проектира дека возилата опремени со мотори на внатрешно согорување ќе бидат многу поскапи од она што се денес, откако уште построгите закони за емисии ќе стапат на сила.
Фокус кон електромобилноста
Развојот на уште позелени мотори со внатрешно согорување ќе ги принуди производителите да направат масивни инвестиции за да ги пресретнат Euro 7 критериумите, но Nissan нема да го прави тоа. Наместо ова, јапонскиот бренд проценува дека се повеќе луѓе ќе се насочуваат кон електричните автомобили, бидејќи според Ашвани Гупта овие возила ќе бидат поевтини. Дури и тоа да не биде случајот, електричните автомобили ќе станат подостапни со текот на времето, па ценовната израмнетост на електричните автомобили и конвенционалните ќе станат реалност порано или подоцна.
Инаку, Euro 7 регулативата се очекува да биде последниот стандард за емисии пред целосно префрлање на ЕВ, а истата треба да стапи на сила кон средината на деценијата. Исто така, Европската комисија предлага да се стави забрана на продажба на нови автомобили со мотор на внатрешно согорување од 2035 година. Сето ова мора да помине низ гласање за да биде усвоено, но голем број производители активни на Стариот континент веќе ги најавија своите планови за напуштање на конвенционалните возила пет години порано, до 2030.
Nissan веќе презема сериозни чекори за насочување кон електромобилноста, со оглед на тоа дека наследникот на Micra веќе е најавен како целосно електричен автомобил. Исто така знаеме дека ќе има и нова генерација на Leaf, кој наместо хечбек ќе прерасне во кросовер. Двата автомобили треба да пристигнат на европскиот пазар околу 2025.
Преземено од Avtoplus.mk