НЛБ Банка обезбеди осум милиони евра од ЕБОР за кредити за домаќинства и компании

72

Осум милиони евра преку две кредитни линии ќе бидат вложени за поттикнување инвестиции кај домаќинствата за енергетска ефикасност и за подобрување на конкурентноста на домашните мали и средни претпријатија.

Парите се обезбедени од НЛБ Банка преку Европската банка за обнова и развој. Пет милиони евра се наменети за поддршка на малите и на средните претпријатија, а три милиони евра за домаќинствата за инвестиции во зелена енергија.

Финансискиот пакет се состои од: Кредитна линија од 5 милиони евра од Програмата за поддршка на конкурентноста на локалните мали и средни претпријатија, за инвестиции за надградба на производните капацитети во насока на зголемена комплементарност со различните ЕУ Директиви во областа на заштита на човековата околина, безбедноста на работниците и квалитет на производите, како и сигурност во работењето. Оваа програма е поддржана од Европската Унија и НЛБ Банка ќе биде петтата македонска банка која ќе се приклучи на истата. И кредитна линија од 3 милиони ЕУР од Програмата за финансирање на зелена енергија за поддршка на инвестициите во зелени технологии, материјали и решенија во станбени згради и домови во приватна сопственост.
НЛБ Банка ќе биде четвртата локална банка која ќе се приклучи на програмата поддржана од Европската Унија, Австрија и Инвестициската програма за Западен Балкан

Условите за кредитите ќе бидат објавени во текот на следните два дена. Генерално, кај правните лица периодот на отплата ќе биде пет години, со грејс период од една година. Каматните стапки ќе се движат од 3 до 5%.

Договорите за кредитните линии денеска ги потпишаа Антонио Аргир, претседател на Управниот одбор на НЛБ Банка Скопје и Анди Аранитаси, претставник на ЕБОР за Северна Македонија.

Директорот на НЛБ Банката, Аргир се надева дека новите кредитни линии, со кои банката ја збогатува својата понуда, ќе понудат интерес кај клиентите.

“Обезбедувањето на новите кредитни линии претставува продолжување на успешната соработка меѓу НЛБ банка и Европската банка за обнова и развој како и продолжување на нашата заедничка мисија за обезбедување континуирана поддршка на македонската економија“, рече Антонио Аргир, претседател на Управниот одбор на НЛБ Банка Скопје.

Претставникот на ЕБОР, Аранитаси им порача на граѓаните да не се двоумат и да инвестираат во енергетската ефикасност.

“И двата проекти ќе придонесат за обновување на македонската економија од Ковид кризата. Линијата за конкурентност е добро позната на пазарот – наменета е за малите и средни претпријатија кои инвестираат во нова опрема, нови простории, нов софтвер и сè друго што може да им помогне да ги достигнат ЕУ стандардите“, рече Аранитаси, кој истакна дека за втората кредитна линија граѓаните не треба да размислуваат за инвестиција во домовите, туку да ја реализираат.

Денешното потпишување на двете кредитни линии е резултат на 20-годишната соработка на НЛБ Банка со ЕБОР.

Со оваа конкурентна кредитна понуда прилагодена на актуелните потреби на пазарот продолжува континуираната долгогодишна соработка меѓу ЕБОР и НЛБ Банка. Преку неа Банката успешно  ја потврдува својата позиција на промотор и поддржувач на растот на локалните бизниси и воопшто населението. Со овие продукти клиентите истовремено ќе имаат помали трошоци заради енергетските заштеди, но и ќе добијат одреден процент на поврат на средства по успешно реализираната инвестиција

НЛБ Банка АД Скопје има значајно искуство во пласирање на кредити од ЕБОР, кои им помагаат на бизнисите и домаќинствата во подобрување на енергетската ефикасност и поттикнување на конкурентноста. НЛБ Банка АД Скопје е една од трите најголеми македонски банки, со мрежа од 52 експозитури на национално ниво, преку која ќе се пласираат средства од оваа кредитна линија.

ЕБОР е главниот институционален инвеститор во Северна Македонија. До денес има инвестирано над €2 милијарди во 134 проекти во земјата.

ЕБОР одлучно одговори на пандемијата и сега е посветена на насочување на активностите во справување со економските последици од КОВИД-19, со вкупен пакет на поддршка од €21 милијарда, до крајот на 2021 година.