НЛБ Банка прокнижи добивка од 575,7 милиони денари во првото полугодие

17

nlb banka

НЛБ Банка во првите шест месеци од 2016 година оствари вкупна сеопфатна добивка во висина од 575.771.000 денари, покажува билансот на успех објавен на Македонска берза.

Истиот период лани, банката го заврши со добивка од 509.763.000 денари.

“Во првото полугодие од 2016 година, нето каматните приходи се повисоки за 12,9% споредено со истиот период од претходната година. Приходите од камати се повисоки за 5,8%, главно поради повисока состојба на кредити од население при пониски каматни стапки како и повисока состојба на благајнички записи. Расходите по камати се пониски за 11,2% како резултат на намалување на каматните стапки на депозитите во текот на 2015 година“, стои во Коментарот на билансот на успех.

Нето приходите од камата во првото полугодие од 2016 година достигнаа 1.329.016.000 денари, додека истиот период лани имаа вредност од 1.176.824.000 денари.

Приходите од провизии и надоместоци изнесуваа 674.482.000 денари.