НЛБ Банка за три месеци прокнижи 572,2 милиони денари добивка

19

nlb-banka-novo-logo

НЛБ Банка во првото тримесечје од 2017 година прикажа добивка во висина од 572.222.000 денари, покажува билансот на успех објавен на Македонска берза.

Истиот период претходната година, компанијата евидентираше добивка во висина од 361.690.000 денари.

“Нето добивката на банката, заклучно со 31.03.2017 година, изнесува 572.222.000 денари и е повисока за 58,2% во однос на истиот период од 2016 година“, стои во Анализата на финансиските резултати на банката.

Нето приходите од камата на банката, во периодот јануари – март оваа година, достигнаа 703.914.000 денари што, според Анализата, се повисоки за 3,8% во однос на истиот период лани. Приходите од камати се пониски за 1,4%, поради пониската состојба на кредити од нефинансиски правни лица, додека расходите по камати се пониски за 18,8%.

“Нето приходите од провизии се повисоки за 0,8%, при што приходите од провизии се зголемени за 6,5% како резултат на остварен пораст во доменот на картичното работење (зголемен број на трансакции на ПОС терминали), повисоки приходи од платен промет во земјата и странство, повисоки приходи од зголемениот број на корисници на трансакциски сметки, електронско банкарство и лично банкарство, како и повисоки приходи од провизии од продажба на полиси“, стои во Анализата.

Расходите за провизии, како што се наведува, се повисоки за 19,6% поради повисоки расходи од провизии за меѓубанкарско порамнување од картично работење при зголемен промет со картички и повисоки расходи за денарски и девизен платен промет.