НЛБ Тутунска банка оствари добивка од 801.780.000 денари за девет месеци

19

nlb

НЛБ Тутунска банка во периодот од први јануари до 30-ти септември оваа година прокнижи нето добивка од 801.780.000 денари, се вели Коментарот на неревидираниот неконсолидиран биланс на успех, објавен на Македонска берза.

Нето добивката заклучно со 30.09.2015, како што се наведува, е повисока за 52,8% во однос на истиот период лани.

“Заклучно со третото тримесечје од 2015 година, нето каматните приходи се повисоки за 19,5% споредено со истиот период од претходната година. Приходите од камати се повисоки за 1,8%, поради повисоки остварени приходи во сегментот население како резултат на повисока состојба на пласирани кредити, при намалени каматни стапки во однос на минатата година, како и поради повисок износ на наплатени камати од сомнителни и спорни побарувања. Расходите по камати се пониски за 25,5% како резултат на намалување на каматните стапки на депозитите, пониска состојба на обврски по кредити и пониска состојба на депозити од пензиски фондови и останати финансиски институции“, се вели во Коментарот.

Нето приходите од провизии се повисоки за 0,4%. Приходите од провизии се повисоки за 6,8% како резултат на остварен пораст во доменот на картичното работење (зголемен број на картички и зголемен број на трансакции на ПОС терминали), повисоки остварени приходи од водење трансакциски сметки, електронско банкарство и лично банкарство. Расходите за провизии се повисоки за 26,4%, главно поради повисоки расходи за порамнување и процесирање на картички и повисоки расходи од платен промет со странство.

Останатите некаматни приходи изнесуваат 196.900.000 денари и се повисоки за 19,8% во однос на претходната година. Вкупните приходи од работење изнесуваат 2.655.460.000 денари и се повисоки за 14%.Вкупните оперативни трошоци изнесуваат 1.243.415.000 денари и се повисоки за 6,1%.

Заклучно со третото тримесечје од 2015 година беа издвоени Исправки на вредноста на финансиските средства, на нето основа, во износ од 524.272.000 денари. Издвоените исправки соодветствуваат на структурата и на квалитетот на пласманите на банката.