НЛБ Тутунска банка со пораст на добивката за 44,3% во првите шест месеци од 2015

24

nlb-tutunska

НЛБ Тутунска банка во период од први јануари до 30-ти јуни евидентираше добивка од 509.763.000 денари, што е за 44,3% повеќе во однос на истиот период лани, се вели во Коментарот на билансот на успех, објавен на Македонска берза.

“Во првото полугодие од 2015 година, нето каматните приходи се повисоки за 17,9% споредено со истиот период од претходната година. Приходите од камати се повисоки за 1,5%, поради повисоки остварени приходи од камата во сегментот население, кои пак се резултат на повисока состојба на кредити при намалени каматни стапки во однос на минатата година, како и поради повисок износ на наплатени камати од сомнителни и спорни побарувања. Расходите по камати се пониски за 23,9% како резултат на намалување на каматните стапки на депозитите и помал износ на обврски по кредити“, се вели во Коментарот.

Нето приходите од провизии, како што се наведува, се повисоки за 1,4%. Приходите од провизии се зголемени за 6,6% како резултат на остварен пораст во доменот на картичното работење (зголемен број на картички и зголемен број на трансакции во ПОС мрежата), зголемен обем на тргувања со хартии од вредност за клиенти, зголемени приходи во управувањето со имот на фондовите, како и поради повисоки остварени приходи од водење на трансакциски сметки и лично банкарство.

“Расходите за провизии се повисоки за 23,3%, главно поради зголемен обем на работа кај картичното работење (зголемување на бројот и вредноста на трансакциите и зголемена цена на провизија за меѓубанкарско порамнување, провизии за кредитни посредници и зголемени трошоци за работа со готовина). Останатите некаматни приходи изнесуваат 148.215.000 денари и се повисоки за 48,6% во однос на претходната година. Вкупните приходи од работење изнесуваат 1.777.546.000 денари и се повисоки за 15,1%. Вкупните оперативни трошоци изнесуваат 823.357.000 денари и се повисоки за 2,7%“, стои подолу во Коментарот.