Нобеловецот за економија Џозеф Стиглиц има важна порака за Хрватска

Добитникот на Нобеловата награда за економија Џозеф Стиглиц изјави дека Хрватска треба да почека со воведувањето на еврото бидејќи, како што тврди, штетата може да ги надмине придобивките поради шоковите што се случуваат во светот, а поинаку да ги погодат земјите.

„Тоа е отворено прашање“, рече Стиглиц.

„Од економска гледна точка, потенцијалните придобивки (од воведувањето на еврото) се многу поограничени од потенцијалните трошоци. Има аргументи зошто да се почека да се влезе во еврозоната. Но, за тие работи одлучува политиката“, изјави тој, пренесе Пословни дневник.

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, министерот за финансии Здравко Мариќ и гувернерот на Хрватската народна банка (ЦНБ) Борис Вујчиќ сакаат што поскоро да ја внесат Хрватска во еврозоната.

„Ние сме во завршна фаза од влезот на Хрватска во еврозоната. Хрватска ќе биде подготвена за воведување на еврото на 1 јануари следната година (2023 година), рече Пленковиќ во средата во Мадрид по средбата со шпанскиот премиер Педро Санчез.

Еврото е валута во 19 од 27 земји на Европската унија, а некои како Шведска со години одбиваат да го воведат, сметајќи дека националната валута е неопходна за управување со економската политика.