Нобеловецот и пионер во микрофинансиите се соочува со затворска казна

60

Меѓу странските економисти и активисти на граѓанското општество, нобеловецот Мухамед Јунус е донекаде култна личност бидејќи дизајнираше програма за микрокредитирање за најсиромашните слоеви во Бангладеш, луѓе кои вообичаено немаат пристап до конвенционалните банки. Меѓутоа, сега му се заканува затворска казна во родната земја.

Премиерот на Бангладеш, Шеик Хасина, често го напаѓа Јунус (83), дури и го нарекува „крвопиец“ на сиромашните, па дури и го обвинува за одлуката на Светска банка во 2012 година да се повлече од клучниот проект за изгради голем мост, пишува Гласот на Америка.

Неодамна, Јунус и неговите соработници во Грамин Телеком – сестринска компанија на неговата банка Грамин, пионерска микрофинансиска институција – беа судени за прекршување на законот за работни односи.

Пред десет дена највисокиот суд во Бангладеш ја одби жалбата на Јунус, што ќе овозможи продолжување на случајот против него. Неговата ќерка Моника Јунус, која ја предводи њујоршката непрофитна организација Sing for Hope, објави на LinkedIn на 28 август дека премиерот се заканил дека ќе го уапси Јунус без кауција во следната недела или две. Доколку биде прогласен за виновен, Јунус ќе биде осуден на најмалку шест месеци затвор.

Овие случувања доаѓаат само неколку месеци пред Хасина да се обиде да го добие својот петти мандат.

„Премиерот редовно му се закануваше во последните 15 години. Со претстојните избори во јануари, таа ги засили директните јавни напади врз него со лажни обвинувања кои сега резултираа со судски спорови. Пред една недела Врховниот суд во Бангладеш ја отфрли жалбата, што значи дека постои реална опасност татко ми да биде уапсен“, напиша ќерката на добитникот на Нобеловата награда за мир во 2006 година.

Фто: YouTub printscreen