Nordic Business Forum како извор на инспирација за бизнис лидерите во светот

262
Аслак де Силва, главен извршен директор на Nordic Business Forum

Ние сме извор на инспирација за бизнис лидерите да управуваат на подобар начин и да го направат светот подобро место за сите, вели Аслак де Силва, главен извршен директор на Nordic Business Forum во интервју за нашиот портал.

Бизнис Инфо: Од први март 2018 година сте на чело на Nordic Business Forum. Кои се најголеми предизвици и успеси додека сте дел од оваа организација?

За 10 години, Nordic Business Forum стана една од најзначајните деловни конференции во светот. Тимот направи одлична работа и моја цел е да ја однесам компанијата на следно ниво – да биде препознаена и позната насекаде во светот. Целта е прилично амбициозна и затоа е голем предизвик.

Бизнис Инфо: Во октомври организирате голема конференција под името Growth (Раст). Која е целта на оваа конференција и кои ќе бидат гости говорници?

Нашите конференции се организирани за сопственици на бизниси и лидери на стратешки позиции во компаниите. Ние ги носиме најдобрите експерти на одредена тема за да им помогнеме да ги зголемат своите лидерски вештини и да го развијат бизнисот на повисоко ниво. Говорниците се експерти кои ќе зборуваат на темата раст и од професионален и од личен план. Говорници на Брене Браун и Даниел Пинк се врвни експерти за личен развој, додека говорници како Сара Блејкли, Стив Возниак и Џорџ Клуни ќе зборуваат за тоа како да се развие една компанија и како да се вреднува. Овие теми се особено важни за сите кои ќе бидат присутни и ќе бидат инспиративни за развој на различни начини. Ако погледнеме наназад, досега имавме голем број на одлични и влијателни говорници, како што е претседателот Обама, потоа Ејми Кади и Сузан Чеин. Исто така, уживавме и во говорите на Аријана Хафингтон, Џек Велч, Рејчел Бустман и Арнолд Шварценегер. Овие говорници се само дел од оние кои биле дел од форумот низ годините наназад.

Бизнис Инфо: Досега сте имале одлични гости говорници, меѓу нив и познати личности. По кои критериуми ги избирате?

Нашиот пристап е сеопфатен кога станува збор за избор на гости говорници на главните теми, па така вклучуваме истражувачи и професори, успешни бизнис лидери, експерти кои можат да дадат одличен резултат. Бидејќи нашата публика е добро едуцирана и има високи очекувања за инспирација и знаење, мора да направиме најдобар избор и да ги најдеме најдобрите говорници. Луѓето сакаат да учат од најдобрите и наша задача е да ги донесеме најдобрите говорници. Вообичаено, меѓу говорниците вклучуваме звучни имиња, кои може да се наречат популарни, како и нови и непознати ѕвезди кои можат да ја изненадат публиката со она што ќе го презентираат. Затоа, процесот на селекција е тежок, но многу важен за нас.

Бизнис Инфо: По што нордиските земји се разликуваат од остатокот од Европа и во што лежи тајната на бизнис успехот?

Јас би рекол дка ниската хиерархија и еднаквоста на работното место се главно обележје на нордиските земји. Секој има право на глас и истиот ќе биде слушнат. Покрај тоа, секој има можност да напредува во кариерата заснована на вештини и мотивација, без оглед на претходното искуство. Компаниите во нордиските земји тежнеат кон тоа да имаат помалку работна сила и помалку формална работна култура. Исто така, би сакал да го истакнам образовниот систем и тоа што секој има шанса да студира на повисоко ниво. Квалификуваниот персонал, особено во високо – технолошкиот сектор, е особено важен за успехот на компаниите од овој дел на светот.

Бизнис Инфо: Што планирате да постигнете со настаните на Nordic Business Forum?

Наша мисија е да создадеме лидери кои ќе го променат светот. Ние веруваме дека инспирацијата на бизнис лидерите кои сакаат да го направат светот подобро место за живеење е единствен и ефективен начин на којшто може да оставиме белег на општеството во целина. Ние сме извор на инспирација за бизнис лидерите да управуваат на подобар начин и да го направат светот подобро место за сите.

Бизнис Инфо: Како се развива вашиот план досега? Дали сте задоволни?

На годишно ниво, имаме публика од околу 10.000 лица и над 20.000 кои нè следат онлајн. Ние сме особено среќни што може да допреме до толку многу лидери, но се надевам дека ќе станеме инспирација и за илјадници нови, па дури и милиони лидери ширум светот. На секој лидер во светот треба да му биде достапна инспирација и знаење. Имаме уште многу што може да направиме, но засега сме среќни со успехот што го постигнуваме.

Бизнис Инфо: Дали планирате да посетите други земји и да ја споделите вашата идеја и искуство?

Што се однесува до организирање бизнис конференции, нашиот план е да се прошириме на нови пазари во блиска иднина. Каде и кога ќе се случи тоа, сè уште е отворено прашање. Покрај нашите настани, исто така, организираме и сопствен напревар на говорници, каде бараме нови лидери и бизнис говорници, кои можеби сè уште ја немаат публиката што ја заслужуваат. Во овој момент, натпреварот се организира само во нордиските земји, но ги разгледуваме можностите за организирање и во Европа и Северна Америка. Можностите се бесконечни и добиваме и барања за организирање настани и на други континенти. Лично, јас имам говори на повеќе локации во повеќе земји во светот на годишо ниво. Само што се вратив од САД, наскоро треба да ја посетам Турција и други земји. Многу ми се важни сите видови на настани на коишто можам да присуствувам, а во исто време да го споделам своето знаење и искуство.