Норвешка ја казни Мета со 89.630 евра дневно

54

Норвешките власти го казниле сопственикот на Мета, Марк Цукерберг, со 1 милион норвешки круни (89.630 евра) дневно поради кршење на приватноста, а казната ќе започне на 14 август, соопшти денеска Норвешката агенција за заштита на податоци за Ројтерс.
Норвешкиот регулатор Дататилсинет на 17 јули предупреди дека американската компанија ќе биде казнета доколку не се справи со прекршувањето на приватноста посочено од регулаторот.

Собирање на кориснички податоци
Во соопштението на Дататилсинет, меѓу другото, се наведува дека компанијата Мета не може да собира податоци за корисниците, како што е нивната физичка локација, а потоа да ги користи за таргетирано рекламирање.

Компанијата Мета имаше рок до 4 август да му достави на регулаторот докази дека е посветена на решавање на овој проблем.

– Почнувајќи од следниот понеделник ќе почне да се применува дневната казна во износ од еден милион круни – изјави за Ројтерс Тобијас Џудин, шеф на меѓународниот оддел на Дататилсинет.

Според неговите зборови, казната ќе се спроведува до 3 ноември.

Компанијата „Мета“ не одговори веднаш на барањето да се коментира за оваа казна изречена од надлежните норвешки институции.