Норвешкиот пензиски фонд продаде акции на „Катерпилар“ и израелски банки

Норвешкиот пензиски фонд, најголемиот во светот, објави дека од етички причини продал акции во американскиот производител на градежна машинерија „Катерпилар“ и акции во пет израелски банкарски групи.
Според соопштението на фондот, на листата од пет израелски банки биле „Хапоалим“, „Банк Леуми“, „Мизрахи Тефахот Банк“, „Прва меѓународна банка на Израел“ и „ФИБИ Холдингс“.

Шесте котирани компании биле исклучени од портфолиото „поради неприфатлив ризик дека компаниите придонесуваат за сериозни кршења на правата на поединците во војна или конфликт“, соопшти фондот од 2 трилиони долари, кој го управува централната банка на Норвешка.

„Катерпилар“, „Хапоалим“, „Прва меѓународна банка на Израел“ и „Банк Леуми“ не одговориле веднаш на барањата на „Ројтерс“ за коментар, додека „Мизрахи Тефахот“ и „ФИБИ Холдингс“ не биле достапни надвор од работното време.

Пред продажбата на акциите, норвешкиот фонд имаше удел од 1,17 проценти во американскиот производител на градежна механизација, кој, според податоците на фондот, на 30 јуни вредел 2,1 милијарди долари. Истите податоци покажуваат дека уделот на фондот во пет израелски банки вредел 661 милион долари.

Според проценката на етичката комисија, производите на „Катерпилар“ несомнено се користат во Израел за масовни и систематски прекршувања на меѓународното хуманитарно право, објави во понеделник етичкото надзорно тело.

Булдожерите произведени од „Катерпилар“ „ги користат израелските власти во масовното нелегално уништување на палестинскиот имот“, се вели во соопштението на комисијата.

Прекршувања на хуманитарното право се случуваат и во Газа и на Западниот Брег, тврдат членови на комисијата, додавајќи дека „компанијата не презела никакви мерки за да спречи таква употреба (на своите производи)“.

– Бидејќи сега се планира повторно да се воспостави испорака на релевантни машини во Израел, според мислењето на Комисијата, постои неприфатлив ризик дека „Катерпилар“ придонесува за сериозни кршења на правата на поединците во војна или конфликти, истакнува норвешкиот надзорен орган.

Како јавно тело основано од Министерството за финансии, Етичкиот комитет следи дали компаниите во портфолиото на фондот ги исполнуваат етичките упатства утврдени од норвешкиот парламент. Фондот инвестира во околу 8.400 компании ширум светот. Комисијата дава препораки до одборот на директори на централната банка, кој ја донесува конечната одлука. Одборот се согласи со препораката на комитетот.

Кога станува збор за банките, надзорниот орган за етички прашања прво ја стави под лупа практиката на израелските финансиски институции да финансираат изградба на куќи на израелски доселеници во контекст на колонизацијата на Источен Ерусалим и Западниот Брег.