
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис објави четиригодишен план за намалување на даноците и зголемување на минималната плата, во обид да го запре падот на поддршката на неговата партија пред парламентарните избори во 2027 година.
Мицотакис го објави ова доцна синоќа во говорот на Меѓународниот саем во Солун, традиционално важен годишен политички и економски настан во Грција, ветувајќи „скок на просперитетот за сите“, објави „Еурактив“.
Мицотакис најави намалување на даноците за земјоделците, самовработените, пензионерите и вработените во јавниот сектор, како и постепено зголемување на минималната плата на 1.000 евра до 2028 година.
Тој стави посебен акцент на земјоделците, кои се силно погодени од доцнење на плаќањата по неодамнешниот скандал со субвенциите од Европската Унија.
Мицотакис најави укинување на даноците за граѓаните со годишни приходи помали од 20.000 евра, додека на сточарите им беше ветена сеопфатна рамка за долгорочна заштита од болести кај животните.
Грчкиот премиер, исто така, најави воведување на рочни штедни сметки за секое новородено дете.
Редовните парламентарни избори во Грција треба да се одржат во 2027 година, иако постојат шпекулации за можноста за предвремени избори уште оваа година, пренесува Танјуг.
Двајца грчки владини претставници изјавија за „ЕурАктив“ во Солун дека, засега, најверојатно сценарио е изборите да се одржат кон средината на мај 2027 година, само неколку недели пред Грција да го преземе ротирачкото претседателство со Советот на ЕУ во јули.












