Нов глобален шок – следат нови поскапувања

205

Поради зголемениот број на случаи на коронавирус во Шангај, тој град е во строга блокада бидејќи Кина спроведува политика „нулта ковид“.

Ова веќе предизвика дополнителен метеж и одложувања во најпрометното глобално пристаниште за контејнери и стравувања на Запад од нови нарушувања што ќе го предизвикаат во синџирите на снабдување, а исто така ќе ги зголемат трошоците за испорака.

Глобалниот информативен сервис за пристанишен сообраќај VesselsValue објави дека бројот на бродови кои чекаат да бидат натоварени и истоварени се искачи на 300 минатата недела, што е пет пати повеќе од претходните недели, како што објави CNN. Во меѓувреме, Shanghai International Port Group (SIPG), компанија за управување со пристаништето, негираше дека толку голем број бродови се на чекање таму, а локалните медиуми објавија дека просечното време на закотвување за контејнерските бродови било помалку од еден ден.

Сепак, една од водечките светски транспортни компании, Maersk, ги предупреди клиентите дека заклучувањето во Шангај може да доведе до одложувања и повисоки цени во транспортот на стоки. Поради ваквата состојба, според специјализираните портали, се прават обиди да се пренасочи океанскиот сообраќај кон други пристаништа, како Нингбо, Кингдао и Тијанџин.

За да не се затвори самото пристаниште во Шангај, неговите вработени веќе извесно време се во посебен режим поврзан со протоколите за движење и однесување.

Градските власти најавија дека превозот на товар нема да биде „заклучен“, но возачите имаат потешкотии да ги извршуваат закажаните испораки поради ограничувањата на патувањето, чекањето на контролните пунктови, тестирањето на коронавирус.

Кина е последната земја во светот која применува толку строги мерки во обид да го елиминира коронавирусот. Според пишувањата на странските медиуми, затворени се и мостовите на реката Хуангпу во Шангај, додека беспилотните летала ги следат празните улици, следејќи го спроведувањето на затворањето. Кој може, работи и спие на работа, како оние во финансискиот сектор.

Економските аналитичари предупредуваат дека глобалните синџири на снабдување, кои веќе беа под притисок поради геополитичките тензии поврзани со руската инвазија на Украина, а претходно и поради пандемијата, се соочени со дополнителен удар поради настаните во Шангај и дека цените на транспортот може вртоглаво да пораснат. Зависи и од тоа колку долго ќе трае заклучувањето во Шангај.