Нов Предизвик од ФИТР – Младите создаваат

27

Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) го објави првиот јавен повик Предизвик за воспоставување на лаборатории за производство FAB LABS Младите создаваат, со кој ќе инвестира во развој на иновациската инфраструктура и пристап до современи технологии за средношколци и млади.

Во лабораториите за производство FAB LABS воспоставени преку овој повик, на младите од 15 до 29 години, ќе им биде овозможен бесплатен пристап до современи технологии како 3D принтери и ласерски машини со кои ќе можат да ги материјализираат своите иновативни идеи. Освен тоа, ќе им биде обезбедена и менторска поддршка, просторни и технички услови да конструираат прототип или мало производство на иновативно решение, кое ќе можат да го тестираат во лабораториска, индустриска средина или на пазарот.

“Целта е кон младите да се отворат веќе постоечките капацитети, да се создадат услови за нивно доопремување и понатамошно проширување, како и да се вложи во нова иновациска инфраструктура. На најмладите иноватори ова ќе им овозможи да стекнат вештини соодветни на новото време и технолошките предизвици на иднината. Истражувањето и развојот имаат значајна улога во напредокот на сите сегменти на општеството, затоа сметам дека со овој предизвик им даваме шанса на сите талентирани млади директно да учествуваат во научно истражувачката дејност и да напредуваат во развојот на сопствената кариера“, изјави Коста Петров, директор на Фонд за иновации и технолошки развој.

Петров додаде дека вкупниот буџет изнесува 9.000.000 денари, од кои 90% ги обезбедува Фондот, во максимален износ од 4,5 милиони денари за предлог-проект, додека преостанатите 10% треба да ги обезбеди апликантот. Времетраење на проектот е до 12 месеци.

Обезбеденото кофинансирање може да биде и во форма на in-kind учество а предност ќе имаат оние предлог проекти кои ќе обезбедат финансирање од сопствени средства и/или финансирање од трети страни (трговски друштва, донатори, бизнис здруженија и др).

Во рамките на предизвикот, апликантите ќе треба да понудат предлог проекти за воспоставување на лабораторија за производство FAB LAB, во простории кои се наоѓаат во рамките на високо-образовните или научно-истражувачките установи и ќе претставуваат простор за соработка помеѓу академијата, индустријата и граѓанските здруженија – таканаречен четворен хеликс систем.

Јавниот повик е наменет за универзитетите, факултетите, самостојните јавни високообразовни установи, приватно-јавните непрофитни високообразовни установи, јавни научни установи и мешовити научни установи основани согласно Законот за високо образование или Законот за научно-истражувачка дејност, трговски друштва кои се во доминантна сопственост на јавни високообразовни установи (50,1% или повеќе) и правни субјекти регистрирани согласно Законот за здруженија и фондации активни во областите на млади, образование, наука, технологија и/или иновациска дејност.

На предизвикот ќе бидат финансирани активности за воспоставување на лабораторијата за производство со опрема за истражување и развој, како и активности за спроведување на менторски програми за обезбедување на стручна поддршка за истражување и развој, дизајн, тестирање и сл.

Двете лаборатории кои ќе бидат воспоставени преку овој повик, со почетокот на претстојната учебна/академска година ќе бидат пилот проекти. Врз основа на ова искуство, во наредниот период ФИТР планира да создаде механизам за воспоставување и поддршка на ваков тип на лаборатории и обезбедување нивна одржливост.

Рокот за поднесување на предлог проекти е 20.07.2021 година до 14 часот. Сите дополнителни информации, можат да се добијат на: https://fitr.mk/fablabs/.