Големите ИТ компании и сите даватели на облачни и услуги за обработка на податоци воопшто ќе мора да воспостават заштитни мерки за да го спречат нелегалниот пристап на владите кои не се членки на ЕУ до податоците на ЕУ, според новиот нацрт-закон на Европската комисија.
Законот за податоци, објавен во средата, ги утврдува правата и обврските во врска со употребата на потрошувачки и корпоративни податоци во ЕУ генерирани од паметни гаџети и машини, како и стоки за широка потрошувачка, објави Ројтерс. Ова ќе биде дел од серијата правила насочени кон ограничување на влијанието на големите технолошки гиганти во ЕУ.
Дополнително, се очекува мерките да и помогнат на ЕУ да ги постигне своите развојни цели во областа на дигиталните технологии и животната средина.
„Сакаме да обезбедиме поголема правичност во распределбата на вредноста генерирана од податоците“, рече на прес-конференција Маргрете Вестагер, шеф за дигитална технологија во Комисијата. „Купуваме сè повеќе производи кои генерираат податоци – од паметни часовници до поврзани автомобили – и во моментов главно производителот на овие производи ги чува и користи податоците“, додаде таа.
Законот за податоци ќе воведе договорни барања и стандарди за интероперабилност за облачните услуги за да им олесни на корисниците да се префрлат на конкурентна услуга и да овозможат подобра употреба на податоците меѓу секторите.
Од компаниите ќе се бара да достават одредени податоци до владите за време на јавни итни случаи како што се поплави или шумски пожари.
Нацрт-законот за податоци ќе треба да се договори со владите и законодавците на ЕУ пред да стане закон.