Нова донација од OKTA на Одделот за интензивна нега на Клиниката за детски болести

15

okta

Современ бебитерм што овозможува рамномерно распределување на температурата на бебињата кои се предвремено родени и со компликации доби Интензивното одделение на Клиниката за детски болести Скопје, како дел од кампањата Шанса за живот иницирана од компанијата ОКТА. Ова е трета по ред донација, резултат од националната кампања која активно ја спроведува компанијата ОКТА веќе втора година, а ја поддржаа голем број на јавни личности, граѓани и компании.

Клиниката за детски болести за првпат добива ваков апарат што е од исклучително значење за нормален развој на бебињата. Апаратот е наменет за создавање на средина со оптимална топлина, потребна за предвремено родените бебиња и со тоа ги заштитува од несакани ситуации предизвикани од несоодветна температура при трансферот од инкубатор во нормална средина.

„Ова е еден од клучните апарати потребни за интензивното одделение што ќе овозможи да создадеме совршена средина за новороденчиња. Досега компанијата ОКТА со кампањата Шанса за живот ни помогна при набавка на нова и сервисирање на постоечката опрема. Иницијативата поттикната од оваа компанија покажа дека деловните субјекти може да направат многу во обединување на граѓаните под една заедничка цел. Како резултат на повикот упатен од компанијата и од нас, се подигна свеста за важноста од доброто функционирање на нашето одделение и овозможување на што подобра нега на предвремено и новороденчињата родени со компликации. Многу сме среќни што Владата најави одвојување на средства за целосно реновирање и опремување на одделот, што покажува дека оваа кампања ја подигна свесноста за проблемот“, изјави д-р Аспазија Софијанова, директор на Клиника за детски болести, Скопје.

Покрај оваа донација како дел од кампањата Шанса за живот, ОКТА веќе донираше нов инкубатор, пулсоскиметри и аспиратори, а беа сервисирани и три постоечки инкубатори.

„Ни претставува огромно задоволство како компанија кога гледаме дека нашата заложба и труд имаат позитивен ефект. Несомнено е дека оваа кампања предизвика огромен интерес во јавноста и обедини многу граѓани, компании и организации со една иста цел. Неизмерно сме благодарни на сите кои ја препознаа потребата и активно се вклучија со донација и поддршка. Заедно успеавме значајно да придонесеме за овој оддел, а со ист ентузијазам ќе продолжиме и понатака”, изјави Марија Ставрева, менаџер за комуникации и општествена одговорност во ОКТА.

Секој кој сака да помогне за целите на кампањата може да го направи тоа преку вртење на донаторските телефонски броеви  070/075/077 14 33 33, преку набавка на гориво од бензинските пумпи на ОКТА од чија продажба се одвојува процент за кампањата, како и можноста за директни донации преку наменски отворената сметка за кампањата 200002709659393, во Стопанска банка.