Нова фаза на економски раст што ќе го придвижат зголемената регионална економска соработка

22

Премиерот Зоран Заев со воведно обраќање го отвори Првиот економски форум во Скопје во организација на Економскиот Форум од Делфи, Грција и на Грчката бизнис асоцијација во Северна Македонија, а во партнерство и соработка со домашните компании.

Премиерот истакна дека влегуваме во нова фаза на економски раст, којшто ќе го придвижат зголемената регионална економска соработка, спроведувањето на сите потребни стандарди што се својствени за државите членки на ЕУ, како и посебниот Интервентен план за инвестиции ИПИ 2021 – 2027 за економски развој.

На Првиот економски форум, премиерот упати порака до инвеститорите, да ги искористат можностите и да го вложат својот капитал во Северна Македонија.

“Постигнавме висок раст за сите инвеститори, со вкупно производство од слободните зони што достигна 3,4 милијарди евра во 2020 година. Инвестициите учествуваат со 46% во вкупниот извоз на национално ниво и учествуваат со 8% во националниот БДП. Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони е фокусна точка за инвеститорите кои бараат поддршка да инвестираат во слободните економски и индустриски зони на Северна Македонија и останува клучен партнер за огромен број странски инвеститори во технолошките индустриски развојни зони. Економијата во зоните во првиот квартал од 2021 година порасна за 30% во споредба со истиот период во 2020 година и 41% во споредба со 2018 година, што го прави рекордно високо во последните четири години. Позитивниот тренд продолжува и во април – имаме 7% раст на извозот во споредба со претходниот месец или 279 милиони евра. Во првите 5 месеци од оваа година потпишавме 15 нови договори со сегашни и нови инвеститори, само 5 се нови во индустриските зони. Вредноста на овие договори надминува 100 милиони евра во обем на инвестиции.  Дури и во време на пандемија, компаниите во зоните одржуваат стабилен број на вработени, над 14.000 вработени со тренд на зголемување. Во моментов повеќе од 30 компании, сегашни и потенцијални инвеститори, официјално ги изразија своите намери за инвестиции и во тек се преговори, со вкупен обем на инвестиции од над 425 милиони евра и нов план за нови 8.500 работни места. Во следните недели се очекува затворање на најголемиот договор за странски директни инвестиции досега во Северна Македонија, со инвестиција поголема од 100 милиони евра. Тоа ќе биде досега највисоката директна инвестиција која се случила од основањето на ТИРЗ во изминативе 20 години “, истакна Заев.

Она што следи сега е, прво, унапредување на регионалната трговска размена на стоки и услуги, како и движењето на луѓе, капитал и знаење, што претпоставува отстранување на сите постоечки бариери.

Второ, неопходно е надградување и на процесот на дигитализација во државата, преку обезбедување на дигитални вештини, дигитална инфраструктура и дигитална безбедност.

И потоа следи подобрување и на конкурентната способност на македонската економија, преку структурни промени низ “паметна специјализација”, подобрени вештини преку подобро образование, истражување и иновации и вклучување во постојните, како и креирање на нови индустриски вредносни вериги, посочи Заев.

“Во оваа прилика би сакал да напоменам дека од големо значење во контекстот на регионалната економска интеграција на Република Северна Македонија, како и на целиот Западен Балкан, но исто и во контекст на економската интеграцијата во ЕУ е и прифатената иницијатива за проширување на таканаречени зелени коридори. Тие коридори, на просторот на Западниот Балкан, беа воспоставени во текот на пандемијата, па сега е потребно нивно проширување кон транспортните коридори со соседните држави членки на ЕУ. Таа одлука е донесена, но, се појавуваат предизвици при нејзината имплементација.

Дополнително, многу важен дел од идната визија за економскиот развој на Северна Македонија е и “зелената агенда“ и трансформација. Зелената агенда е јасен сигнал и чекор напред за поблиска интеграција во политиките на ЕУ во врска со климата и животната средина.

Спроведувањето на една таква агенда ќе ѝ помогне на земјава да ја трансформира економијата, преку примена на практики и стандарди што се ефикасни во однос на ресурсите, конкурентни и климатски неутрални. Но, секако дека тоа ќе бара многу посветена работа од страна на сите, за да се усогласиме со климатската цел на ЕУ за постигнување климатска неутралност до 2050 година.

“Ќе бидат потребни значителни инвестиции, како и остварување на поамбициозни цели во областа на кружната или циркуларна економија, одржливото земјоделство и производство на храна“, истакна Заев.