Нова мерка за поддршка на откупувачите и преработувачи на бел ориз за поголем извоз и нови пазари

111

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, денеска ја посети компанијата Левидиагро од Кочани, од каде извести за новата мерка од Програмата за рурален развој, со која им помагаме на откупувачите и преработувачи на бел ориз да го зголемат извозот и да ги намалат трошоците за амбалажа.

„Поддршката за оваа мерка изнесува 2,5 денари по пакување во најлонска амбалажа до 500 грама, односно 5 денари по пакување во најлонска амбалажа до 1 килограм. За пакување во хартиена амбалажа до 1 килограм бел ориз поддршката изнесува 10 денари по пакување. Со новата Програма за рурален развој овозможивме нова мерка, која ја ставаме на располагање за откупувачите и преработувачи на бел ориз со што директно го помагаме извозот и отвораме нови пазари каде ќе биде пласиран и продаван нашиот македонски ориз” изјави министерот Николовски. 

Мерката е подготвена заедно во соработка со земјоделците, откупувачите и преработувачите, како одговорно министерство кое секогаш ги слуша потребите на земјоделците и земјоделските стопанства.

„Денес при посетата на Кочани видов дека без никакви проблеми се одвива и откупот на оризот. Ја имаме досега и највисоката откупна цена на оризовата арпа која се движи од 30 до 36 денари во зависност од квалитетот на арпата и рандеманот при луштење. Среќен сум што уште пред почетокот на откупот преку дијалог меѓу оризопроизводителите и откупувачите, а помогнат од министерството, успеавме да постигнеме добра цена која ги почитува трошоците и маката на земјоделците.  Како искрен партнер ние сме секогаш на страната од земјоделците, а тие го знаат тоа” потенцираше Николовски.

Дополнително покрај редовните субвенции оризопроизводителите ги поддржуваме и со мерки за набавка на нова механизација, како специјализирани комбајни или сушари за ориз, за да го олеснат и модернизираат своето производство. Минатата година доделени се 25 комбајни за ориз со вкупната вредност на набавката од 32 милиони денари. Оваа мерка ќе продолжи и во 2023 година.

Преку Програмата за рурален развој на оризопроизводителите им нудиме нова мерка за поддршка на бизнис план во земјоделството. Мерка со која ќе можат преку отворен јавен повик во текот на целтата година да аплицираат тогаш кога тие ќе бидат подготвени за грант до 10.000 евра, за набавка на нова опрема и механизација со која ќе го модернизираат производството.