Нова редизајнирана интернет страна на платформата СЕИ НЕТ

25

На стартот на оваа работна седмица, пуштена е во употреба нова, редизајнирана интернет страна на платформата СЕИ НЕТ. СЕИ НЕТ претставува Систем за Електронски Информации за котираните акционерски друштва на Македонска Берза, преку којшто овие друштва во јавноста ги објавуваат пропишаните информации согласно Правилата за котација на Берзата.

Новата интернет страна е целосно дизајнирана со примена на најсовремените информациски технологии што овозможуваат адекватно корисничко искуство, освежен изглед и подобрени функционалности. Воедно, редизајнот на страната има за цел да овозможи дополнителен иден развој на апликацијата, односно нејзина надградба со други сервиси, врз база на имплементираните нови технологии во наредниот период.

Сите заинтересирани можат да ја посетат платформата СЕИНЕТ директно преку следнава адреса https://www.seinet.com.mk или посредно преку интернет страната на Македонска берза https://www.mse.mk и на лесен и едноставен начин да ги истражат, анализираат и да ги следат сите информации и содржини.