Нова странска инвестиција во ТИРЗ Тетово

61

20130412_120307_1Најголемата европска компанија за рециклирање на гуми Инова Технологии (Innova Technologies) ќе инвестира во Македонија во Индустриската зона во Тетово. Компанијата е сопственик на најголемиот капацитет во Европа за рециклирање на гуми преку пиролитички процес од кој се добиваат три производи, течно гориво, челична жица и тонер.

Договорот за инвестирање е потпишан денес од страна на Министерот за животна средина на Македонија, Абдулаќим Адеми, Директорот на агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Македонија, Висар Фида и претставници од компанијата Инова Технологии во Гебзе, Турција.

Компанијата практикува производствени процеси со примена на најнови технологии кои овозможуваат рециклирање на гуми со целосно избегнување на загадувањето на животната средина, кои инаку по природен пат имаат период на разложување од 1000 години.

Проектот е инициран од промоторот на Македонија во Истанбул, Филиз Вели и генералниот конзул Зерин Абаз. Како што најавуваат од Агенцијата, се очекува брзо реализирање на оваа инвестиција.

Делегацијата ја посети и индустриската зона Гебзе Ѓузлер и индустриската комора на Коџаели каде што се сретнаа и со претседателот на комората и претставници на компании од автомобилската индустрија. Договорени се и посети на неколку компании во Македонија, каде што домаќин ке биде Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, изјави директорот Фида.